
Се подготвуваат тендерските постапки за изградби на современи системи за управување со отпад во Русиново и Новаци, додека за изградбата на современата фабрика за отпад во Светиниколското село Мечкуевци, која ќе биде за преработка на отпадот за 18 општини од Источниот и Североисточниот регион тендерската постапка е во завршница, истакна на денешната прес-конференција министерот за животна средина и просторно планирање Мухамед Хоџа. Тој потенцира дека после години на пишување стратегии на хартија, конечно се воспоставува регионалниот систем за управување со отпад во нашата држава.
Тоа претставува најголема реформа во оваа област. Веќе е обезбедена и испорачана значајна опрема за општините низ регионите – механизација и комунална опрема. Паралелно се подготвуваат тендерите за изградба на регионалните центри во Русиново и во Новаци, додека во Свети Николе постапката е при крај. Истовремено, се подготвува и документација за изградба на трансфер станиците низ општините. Овој систем претставува долгорочно решение за дивите депонии и современо управување со отпадот. И целосно сум посветен за да се запази предвидената динамика на реализација-рече Хоџа.
Министерот за животна средина и просторно планирање додаде дека еден од клучните чекори во борбата со аерозагадувањето е усвојувањето на новиот Закон за контрола на индустриски емисии, со кој се воведуваат построги стандарди и поголема одговорност за индустрискиот сектор.
-Законот стапува на сила идната година, односно септември 2027 година, а во меѓувреме интензивно работиме на создавање услови за негова навремена и ефикасна имплементација. За почист воздух, инвестираме во замена на нееколошките системи за греење во јавните објекти. Истовремено, ги зголемивме и инспекциските надзори врз индустријата, затоа што превенцијата секогаш е клучна мерка-вели Хоџа.
Посочи дека започната е и подготовка на дигиталниот регистар за јавно достапни податоци за индустриските емисии, кој дополнително ќе ја зголеми транспарентноста.
Интензивно работиме и на усогласување на законодавството со европските стандарди. Како дел од реформската агенда, Владата ги усвои подзаконските акти и Законот за климатска акција. Во различни фази на подготовка се и други клучни закони за заштита на природните ресурси: новиот Закон за природа, измени и дополнувања на Законот за животна средина, законите за Белчишко Блато и Студенчишко Блато. Во наредниот период, мојот главен фокус останува на регионалниот систем за отпад и на имплементацијата на дополнителните мерки за чист воздух-подвлече Хоџа.
Тој на денешната прес-конференција информираше дека и со ребалансот на буџетот се зголемуваат средствата за финансирање на капитални инфраструктурни проекти од областа на животната средина, меѓу кои и за Пречистителна станица во Скопје.
Јас сум на функцијата последните шест месеци, но голем дел од процесите се продолжение на веќе започнатите реформи од претходниот министер, господинот Изет Меџити. Со тоа постигнуваме стабилност и доследност во реализацијата. Во изминатиот период обезбедивме средства и започнавме со реализација на над 300 инфраструктурни проекти од различен обем – од модерни водоводи и канализациски системи, до пречистителни станици-вели Хоџа.
МИА

Македонски



