Skip to main content
ПРОФ. Д-Р ИРФАН АХМЕТИ, ДИРЕКТОР НА УК ЗА ЕНДОКРИНОЛОГИЈА И ПРЕТСЕДАТЕЛ НА НАУЧНО ЗДРУЖЕНЕ НА ОБЕЗНОСТ - ОБЕМ

Справувањето со дебелината не може да се сведе само на „јади помалку и движи се повеќе“

Приватна архива / Проф. д-р Ахмети: Кога ќе почнеме да ја гледаме дебелината како болест со реални причини и сериозни последици, сè се менува

Справувањето со дебелината не може да се сведе на едноставен совет како „јади помалку и движи се повеќе“. Таа е комплексна состојба и бара индивидуален пристап, прилагоден според потребите на секој пациент. Кај едни промената почнува со исхраната, кај други со движењето, а кај некои е потребна и дополнителна медицинска поддршка, вклучително и лекови за третман на дебелината, секогаш под надзор на стручно лице, вели во интервју за „Република“ проф. д-р Ирфан Ахмети, директор на ЈЗУ УК за ендокринологија, дијабетес и метаболички нарушувања – Скопје и Претседател на научното здружение за обезност – ОБЕМ.

Со д-р Ахемти разговаравме за кампањата што ја сптоведува Здружението „Обем“, за тоа колку е важно да се подигне свеста за дебелината и прекумерната тежина и важноста таа да биде препознаена како болест и лекарите да не се двоумат кога треба да ја впишат шифрата Е66, бидејќи само така може да се планираат ресурсите, мерките и поддршката што им се потребни на пациентите и да се добие реална слика. Во Македонија дури 65 отсто од возрасната популација е обезна, но, за жал, се уште нема единствен национален регистер што би дал попрецизна слика за тоа колку пациенти бараат помош во Центрите за менаџирање на обезноста што се девет на број во државата.

Современата медицина одамна покажа дека дебелината е болест на која влијаат многу фактори: генетски, биолошки, психолошки и социјални. Но додека ова не се прифати пошироко, стигмата останува и таа често е причината зошто луѓето не бараат помош навреме, вели проф. д-р Ахмети во интервју за „Република“.

Која е главната цел на актуелната камапња што ја спроведува Здружението „ОБЕМ“ ?

Д-Р АХМЕТИ: Кога ќе видиме некого со прекумерна тежина, најчесто го забележуваме само она што е видливо. Но ретко помислуваме дека зад секој вишок килограм може да стои многу поголема, невидлива тежина – здравствена, емоционална и социјална. Токму таа невидлива тежина е причината поради која ја создадовме кампањата „Круг на поддршка – за тежината да стане полесна“.

Главната цел на оваа кампања е да го промени начинот на кој зборуваме, гледаме и размислуваме за прекумерната телесна тежина и дебелината. Преку билборди, брендирани автобуси, социјални мрежи, видео сведоштва и јавни личности кои отворено зборуваат за сопствените искуства, сакаме да покажеме дека дебелината не е етикета, туку здравствена состојба која заслужува разбирање, навремено препознавање, стручна поддршка и соодветен третман.

Симболиката на кампањата ја носи и нејзиното лого. Пеперутката не е само визуелен елемент, туку порака дека никој не треба да се соочува со ова сам. Четирите испреплетени кругови ги претставуваат столбовите што им се најпотребни на луѓето кога се соочуваат со овој предизвик – образованието, институциите, здравствениот систем и општеството. Кога се одделени, тие се само дел од решението. Но кога се поврзани, создаваат целина, мрежа на грижа, разбирање и заедничка одговорност. Токму од таа поврзаност произлегува пеперутката како симбол на промена, слобода, олеснување и нов почеток. Таа нè потсетува дека трансформацијата не доаѓа преку ноќ, туку започнува со поддршка, мали чекори и со чувство дека некој е покрај тебе. И токму тогаш, тежината може навистина да стане полесна.

Кампањата сака да им доближи на граѓаните нешто што честопати не го знаат: дека дебелината може да биде поврзана со сериозни здравствени последици, вклучувајќи го и репродуктивното здравје. На пример, кај дел од жените, прекумерната телесна тежина може да биде еден од факторите што го отежнуваат забременувањето или процесот на асистирана репродукција, што покажува дека ова не е само естетски проблем, туку состојба што може да влијае на многу важни животни планови и одлуки.

Во исто време, сакаме граѓаните да ги информираме каде можат да добијат поддршка и да ги охрабриме навреме да побараат помош.

Колку е важно подигнувањето на јавната свест за дебелината и прекумерната тежина?

Д-Р АХМЕТИ: Често најтешкиот дел не е самиот третман на дебелината, туку моментот кога човек ќе одлучи да побара помош. Многумина никогаш не го прават тој чекор бидејќи мислат дека проблемот е „само нивен“ и треба сами да се справат.

Затоа е клучно да ја подигнеме јавната свест за дебелината. Не само како личен предизвик, туку како еден од најголемите јавно-здравствени предизвици на денешницата кој засега сè повеќе луѓе.

Подигнувањето на јавната свест не е само информирање. Тоа е отворање на простор за разговор, а токму разговорот е првиот чекор кон промена.

Кога дебелината се гледа како „личен неуспех“, луѓето се затвораат во себе, се срамат и молчат наместо да побараат помош. Но кога ќе почнеме да ја гледаме дебелината како болест со реални причини и сериозни последици, сè се менува. Луѓето полесно бараат помош, институциите планираат поефикасно, а системот функционира подобро. Со ова се отвора вистинската можност за напредок, како за поединецот, така и за општеството.

    Каков е досегашниот одзив од пациентите?

    Д-Р АХМЕТИ: Највредниот сигнал не е бројката, туку реакцијата. Одзивот не е само позитивен, тој е искрен, личен и многу човечки. Сè почесто добиваме пораки од типот „се препознав во тоа што го видов“ или „како да зборувате за мене“. Некои ја виделе кампањата на билборд, други на социјалните мрежи, трети преку храбрите сведошта на јавни личности, но заедничко за сите е чувството дека конечно некој ја раскажува нивната приказна.

    Особено силен впечаток остави „Најтешкиот речник“ – не како метафора, туку како лично искуство. Станува збор за голема книга тешка околу 15 килограми која содржи дел од здравствените компликации поврзани со дебелината. Луѓето се обидуваат самите да ја подигнат, но не можат. Дури кога ќе притиснат на копчето „Круг на поддршка“ и ќе ја подигнат, сфаќаат дека тежината не исчезнува, но станува поднослива. Тоа е моментот кога пораката станува јасна – не мораш сам да ја носиш тежината.

    Можеби најважната промена што ја гледаме е што тишината е прекината. Пациентите сè почесто, поотворено разговараат за проблемот и постепено ја прифаќаат дебелината како здравствена состојба која бара навремено препознавање и третман, а не како личен неуспех. Тоа е моментот кога од „скриен проблем“, темата станува реален разговор и тоа е првиот чекор кон вистинска промена.

      Проф. д-р Ахмети: Особено силен впечаток во јавноста остави „Најтешкиот речник“. Станува збор за голема книга тешка околу 15 килограми која содржи дел од здравствените компликации поврзани со дебелината. Фото: Приватна архива

      Дали забележувате зголемен интерес кај пациентите да побараат стручна помош во Центрите за менаџирање на дебелината?

      Д-Р АХМЕТИ: Да и тоа е еден од најконкретните сигнали дека пораката стигнува до вистинските луѓе.

      Многумина за првпат дознаваат дека постојат Центри за менаџирање на дебелината токму преку кампањата и тогаш сфаќаат дека не се сами и дека постои реална, стручна поддршка. Воедно, за многумина тоа е и првпат да разберат дека постојат повеќе начини за третман на дебелината, од промени во начинот на исхрана и зголемена физичка активност, до соодветни лекови, а пристапот секогаш е прилагоден на потребите на секој поединец.

      Во моментот во државата функционираат девет Центри за менаџирање на дебелината: во Скопје (Клиниката за ендокринологија, Клиниката за детски болести и ГОБ 8 Септември), Куманово, Тетово, Охрид, Прилеп, Штип и Струмица. До нив пациентите можат да дојдат преку упат од матичниот лекар. Важно е да се нагласи дека овие центри не се наменети само за лица со екстремна дебелина. Помош и советување можат да побараат и лица со прекумерна телесна тежина, особено доколку имаат ризик-фактори или придружни здравствени состојби. Колку порано се препознае проблемот и се започне со соодветна поддршка, толку се поголеми шансите за успешна и долгорочна промена.

      Затоа, кога гледаме зголемен интерес, не гледаме само бројки, туку гледаме луѓе кои одлучиле да направат нешто за себе. И тоа е најважниот исход од секоја ваква иницијатива.

        Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат лицата со прекумерна тежина и дебелина во секојдневниот живот?

        Д-Р АХМЕТИ: Ако прашате десет луѓе, веројатно ќе добиете десет различни одговори. За некого најтешко е да почне. За друг, да не се откаже. А за трет, да ја одржи постигнатата промена.

        Но она што ретко се гледа, а често се чувствува, е товарот што доаѓа од самите себе и од околината. Коментари, очекувања, чувство на вина, разочарување… Тоа е „невидливата тежина“ што луѓето ја носат секојдневно и често е потешка од самите килограми.

        Затоа справувањето со дебелината не може да се сведе на едноставен совет како „јади помалку и движи се повеќе“. Таа е комплексна состојба и бара индивидуален пристап, прилагоден според потребите на секој пациент. Кај едни промената почнува со исхраната, кај други со движењето, а кај некои е потребна и дополнителна медицинска поддршка, вклучително и лекови за третман на дебелината, секогаш под надзор на стручно лице.

        Она што прави најголема разлика не е една промена, туку континуираната поддршка – од лекарите, семејството и од општеството. Тогаш промената не само што станува возможна, туку и одржлива.

          Проф. д-р Ахмњти: Кај едни промената почнува со исхраната, кај други со движењето, а кај некои е потребна и дополнителна медицинска поддршка, вклучително и лекови за третман на дебелината, секогаш под надзор на стручно лице / Фото: Приватна архива

          Живееме во општество кое знае да осудува без да ја знае причината за нечија здравствена состојба. Колку овие лица се стигматизирани?

          Д-Р АХМЕТИ: Стигмата е една од најголемите пречки со кои се соочуваат лицата со дебелина. Тоа не се само коментари „од страна“. Тоа се зборови што остануваат, погледи што се паметат, етикети што луѓето ги носат со себе со години.

          Современата медицина одамна покажа дека дебелината е болест на која влијаат многу фактори: генетски, биолошки, психолошки и социјални. Но додека ова не се прифати пошироко, стигмата останува и таа често е причината зошто луѓето не бараат помош навреме.

          Затоа пораката е едноставна, но суштинска: наместо осуда, потребни се разбирање, поддршка и стручен пристап. Само кога ќе го тргнеме товарот на стигмата, може да започне вистинската промена.

            Дебелината е болест на 21 век, но лекарите велат дека се лекува. Дали институциите ја препознаваат дебелината како хронична болест и дали се одважуваат во картонот на пациентот да ја запишат дијагнозата?

            Д-Р АХМЕТИ: Во медицината дебелината е јасно препознаена како хронична болест. Сепак, во секојдневната клиничка пракса сè уште недоволно често се поставува и евидентира како дијагноза. Многу почесто се регистрираат нејзините последици, како што се дијабетес, кардиоваскуларни заболувања, масен црн дроб или други компликации, додека самата дебелина останува незабележана во медицинската документација.

            Затоа постојано апелираме до здравствените работници почесто да ја користат дијагнозата и шифрата Е66 кога критериумите се исполнети. Тоа не е само административна ознака, туку важен чекор кон подобро препознавање на основниот проблем – дебелината. Истовремено, тоа би значело и создавање реална слика за распространетоста на дебелината во државата. Доколку третманот (хигиено-диететскиот пристап и/или бихевиорална терапија, фармаколошката терапија и/или хируршка интервенција) навремено го насочиме кон основниот проблем, тоа ќе резултира со значително намалување на ризикот од влошување на компликациите и нивно спречување или одложување.

            Ако не ја препознаеме и не ја евидентираме дебелината како болест, тогаш тешко можеме да ги планираме ресурсите, мерките и поддршката што им се потребни на пациентите. Затоа користењето на шифрата Е66 е важно и за поединецот и за здравствениот систем и општеството во целина.

              Како семејството и околината можат да им помогнат на лицата со дебелина?

              Д-Р АХМЕТИ: Лицата со прекумерна тежина често не се борат само со здравствената состојба, туку и со начинoт на кој околината ги третира. Наместо поддршка, често добиваат критика или „совети“ што звучат едноставно, но во реалноста не помагаат.

              Токму затоа, улогата на семејството и блиските е клучна. Понекогаш токму малите работи, вклучувајќи ги заедничките навики, разбирањето и искрената емоционална поддршка, ја прават најголемата промена и им помагаат на луѓето да истраат во процесот на справување со дебелината. Така тие многу полесно се отвораат, бараат помош и остануваат мотивирани.

              Затоа, најсилната поддршка не е во зборовите „треба да…“, туку во пораката „јас сум тука со тебе“.

                Дали има информации колкав е бројот на пациенти кои годишно ги посетуваат центрите за дебелина во јавното здравство?

                Д-Р АХМЕТИ: Понекогаш најголемите проблеми се оние што не ги гледаме доволно јасно.

                И токму тоа се случува со дебелината. Според податоците од World Obesity Atlas, дури 65% од возрасната популација во Македонија има зголемен индекс на телесна маса т.е. е обезна, што покажува дека ова не е изолиран случај, туку реалност што засега голем дел од населението.

                Сепак, и покрај овие бројки, немаме единствен национален регистар што би дал прецизна слика за тоа колку пациенти навистина бараат помош во Центрите за менаџирање на обезноста. Поради тоа, дел од проблемот останува „невидлив“. Не затоа што не постои, туку затоа што не се евидентира доволно.

                Затоа е клучно почесто да се евидентира со шифрата Е66, бидејќи само така можеме да добиеме реална слика за потребите на пациентите и да обезбедиме подобра, навремена поддршка.

                  Какви се последиците од дебелината врз физичкото и менталното здравје?

                  Д-Р АХМЕТИ: Кога зборуваме за дебелината, најчесто мислиме само на килограмите. Но вистината е дека последиците одат многу подалеку од тоа што го гледаме.

                  Од здравствен аспект, дебелината може да го зголеми ризикот од сериозни состојби како срцев и мозочен удар, дијабетес тип 2, заболувања на црниот дроб, проблеми со зглобовите, апнеа при спиење, па дури и одредени видови карцином. Денес се познати повеќе од 229 здравствени состојби поврзани со прекумерната телесна тежина и дебелината.

                  Но постои и друга, помалку видлива страна. Дебелината често влијае и врз менталното здравје преку намалена самодоверба, чувство на вина, анксиозност, депресивни симптоми и социјална изолација. За многумина, оваа „невидлива тежина“ е еднакво тешка, ако не и потешка од физичката.

                  Токму затоа современиот пристап кон третманот не се фокусира само на намалување на килограмите, туку на подобрување на целокупното здравје, квалитетот на живот и секојдневното функционирање.

                  Кога зборуваме за дебелината, не зборуваме за една болест, туку за состојба која може да биде двигател на цел синџир здравствени компликации. Затоа навременото препознавање и третирање на дебелината е од исклучително значење.

                    Што сакате да се промени по завршувањето на кампањата?

                    Д-Р АХМЕТИ: Би сакале пораките од кампањата да не останат само пораки, туку да станат нов начин на размислување. Нашата цел е да изградиме општество во кое луѓето нема да се чувствуваат осудувани, туку разбрани и поддржани да го направат првиот чекор – да прашаат, да се информираат, да побараат помош.

                    Во исто време, очекуваме и поголема активност од здравствените работници,што опфаќа рано препознавање, евиденција и навремено насочување кон соодветен третман.

                    Но вистинската промена ја гледаме и на системско ниво. Сакаме здравствените власти да воведат политики што ќе обезбедат континуирана и достапна поддршка и третман на луѓето кои живеат со дебелина. Истовремено, важно е грижата да се приближи до пациентите преку децентрализиран пристап, каде поддршката ќе биде достапна не само во специјализирани центри, туку преку кој било здравствен работник што ќе ја препознае дебелината кај својот пациент.

                      Проф. д-р Ахмети: Сакаме здравствените власти да воведат политики што ќе обезбедат континуирана и достапна поддршка и третман на луѓето кои живеат со дебелина / Фото: Приватна архива

                      Кои се вашите очекувања во наредниот период?

                      Д-Р АХМЕТИ: Очекуваме да продолжи интересот за едукација и информирање, како и да се зголеми бројот на пациенти кои ќе се обратат во Центрите за обезност. Веруваме дека со континуирана комуникација и соработка меѓу здравствените институции, стручната јавност и пациентите можеме да постигнеме значајни резултати.

                      Кампањата е веќе поддржана од голем број здравствени работници, Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, канцеларијата на СЗО во земјава и познати личности што се соочуваат со овој проблем. Дополнително очекуваме КРУГОТ НА ПОДДРШКА да се шири – концепт кој претставува заедничка мрежа од семејството, пријателите, здравствените работници, јавните личности и поширокото општество. Колку повеќе луѓе се вклучуваат и даваат поддршка, толку повеќе овој круг расте и станува посилен, создавајќи поинклузивна и поразбирлива средина за пациентите.

                      Исто така, очекуваме дека адресирањето на дебелината како основна причина, а не само како последица на бројни здравствени компликации, ќе придонесе за подолг и поздрав живот на пациентите, со помал број придружни заболувања. Ова значи и намалување на директните здравствени трошоци (лекувања, хоспитализации, терапии), како и индиректните трошоци поврзани со намалена работна способност и отсуства од работа.

                        Кои се следните активности и планови на здружението ОБЕМ?

                        Д-Р АХМЕТИ: ОБЕМ ќе продолжи со активности насочени кон едукација на јавноста, поддршка на пациентите и унапредување на третманот на дебелината во земјата. Во фокусот ќе останат промоцијата на Центрите за менаџирање на дебелината, соработката со здравствените институции, стручните едукативни настани и иницијативите за подобро препознавање и менаџирање на дебелината како хронична болест.

                        Меѓутоа следниот чекор за ОБЕМ не е само да продолжи со активности, туку да ја одржи темата жива, да не дозволи дебелината повторно да стане „невидлив“ проблем.Нашата цел е јасна, да не останеме само на подигање свест, туку да создадеме вистинска промена: повеќе информирани луѓе, повеќе упатени пациенти и посилен систем на поддршка.

                        Како земја со голем број граѓани со обезност, заедно со земјите од Адриа регионот носиме заеднички ставови на експерти за справување со дебелината. Истовремено сме потписници на Адриатик декларацијата (2025), како и на Венецијанската декларција (2024) во склоп на Европското здружение за дебелина (EASO), која претставува повик до здравствените системи и креаторите на здравствените политики да ја препознават дебелината како хронична комплексна болест која бара долготраен и мултидисциплинарен пристап.

                        Можеме слободно да заклучиме дека ОБЕМ ја има подршката од регионот и од EASO во справувањето со дебелината. Истовремено, активно учествува во донесувањето на заедничките регионални ставови и препораки.

                          Разговараше: Александра М. Бундалевска

                          фото: Приватна архива

                          Поврзани вести