Skip to main content
ЛИЧНОСТ НА НЕДЕЛАТА

Обвинителството не е Господ, па да простува на оние што „не знаеле“

„Не се чувствува сигурно. Не се чувствувам ни јас“. Ова се зборовите на мајката на 14-годишникот кој заврши без свест, фрлен ко ќеса и оставен да умре на парче трева откако тројца насилници прво го претепале, за на крај да го избодат седум пати. 14 години. Седум пати. Во полицискиот билтен случајот е опишан како напад, во кој еден од напаѓачите употребил остар предмет. Не е кажано дека употребиле и палка. Не е кажано дека се меткал тука и „калашников“. Не се кажува ни дека ова било обид за убиство, а не само „насилство“. Како што не е само „насилство“ тепање, малтретирање и снимање.

Одиме со три останати страшни случаи поради кои не само личности на неделата, туку и причините што сме на ова дереџе се:

Полицијата, обвинителството, судот

Врсничкото насилство може да запре само ако сите, и институции и наставници и целата заедницата, се ангажираме со целосна сериозност. Но, посебно важна е улогата на родителите. Недостасува поголема грижа и посветеност од многу семејства кон своите деца. Не од сите, но од многу семејства недостасува токму таа воспитна компонента, што е основа за здраво растење.

Се согласувам со министерката за образование Весна Јаневска, како и многуте психолози кои постојано зборуваат на темата врсничко насилство, колку се битни родителите и домашното воспитување.

Но, нели затоа, кога родителот ќе потфрли, службите треба да го сработат она што им е работа?

Одиме со првата служба – полицијата. Кога со снимки од кои на секој родител му се стега желудник, кои не сака, но мора да ги изгледа, на кои 12-годишно девојче клечи на колена, а толпа скандира пред насилството, чиниш сме во ера на гладијатори, па ова е забава, граѓани влегуваат во полициска станица да пријават, ги очекува првиот шамар – полициските службеници на смена ноншалантно им кажуваат дека „тие не се сведоци на настанот“ и дека „девојчето е тоа што треба самото да пријави“. На го пуштеа видеото, добро ќе видеа дека таа мавачката ѝ се заканува да не ѝ текне да ја пријави.

Па, следниот пат кога министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе каже дека полицијата си ја завршува работата, ама после овие од Обвинителство им ги ништат случаите, нека ги прочита овој и уште мал милион други случаи во кои токму од полицијата го добиваме првиот ладен туш. Па, само пред некој месец на Ивана ѝ беше плеснато во лице дека таа ќе заработи кривична за „лажна пријава“, а не мамлазот кој со години ја млател.

На крајот ни денот, има ли кривични, макар за насилство, ако не за обид за убиство, за оние погоре? Го знаете одговорот.

Одиме понатаму – обвинителството. Денеска адвокатката Маја Ристова, која го застапува девојчето што беше тепано и снимано во Штип пред неколку месеци, алармира дека правната разрешница на случајот довела до амнестија на родителите. Ако заборавивте како изгледа тоа, пошто обично така и брзо си ги забораваме работите, еве ви освежување:

Само што примив Решение од Вишото јавно обвинителство во Штип во кое се вели дека Основното јавно обвинителство во Штип правилно утврдило дека родителите на децата што крвнички тепаа друго дете и тоа неколку пати по ред, не се одговорни за кривичното дело „запуштање и малтретирање на дете“, затоа што не биле свесни за дејствијата што ги преземале нивните деца. Еј, не биле свесни не ми се верува што читам. Требало да има континуирано и сериозно занемарување, а не ова? Што е ова? Го тепале три месеци, и психички и физички го малтретирале, ништо не е тоа. Требало да го избодат, скраја било. Каква порака се испраќа со ова? Ако овде нема одговорност, каде имаше и признанија и видеоснимки, што со останатите насилства?, прашува Ристова.

Еве, и ние да прашаме – Господ ли е Обвинителството? Ни тие треба да простуваат, а ни ние треба ним. Зошто многу убаво знаат што прават.

А, знаат и овие третите од – судот. Знаевте дека сè уште нема пресуда за оние од Ѓорче Петров? Не ви текнува кои беа тие? Оние што гасеа цигари од девојче, ја соблекуваа, ја тераа да јаде кучешки гомна, ја снимаа и омаловажуваа.

МВР поднело пријави против четирите девојчиња насилнички, и шест пријави против нивните родители. Според Законот за правда на деца, бидејќи сторителите се деца во судир со Законот, истражната постапка се води во Судот. Епа, во скопски Кривичен постапката сè уште не е завршена – три месеци подоцна. Да не се лажеме, и кога ќе се заврши сè правно – правда нема да има. Па, тоа се луѓе што дадоа минимална казна на дечко зошто – не бил женет.

За крај, се враќаме на почеток. Да, оправдана е целосната недоверба што ја имаме во системот и тој одново и одново потфрла за нас. Ама, добро бе, од кога ќе видите нешто вакво, толку гнасно што плаши, не ви доаѓа да седнете со децата и да разговарате со нив? Да видите има ли нешто хумано во тоа суштество што сте го направиле и сте го растеле. Сте се прашале и за себе истото?

Зошто прашање на време е кога некој ќе си ја земе правдата во свои раце. И ќе ве натера вас да го јадете тој измет, да му помогнете да го изгасне тој пикавец.

И, може најдоброто е што со вакви институции – и тој ќе си остане неказнет.

Подготви М.М.

Поврзани вести