
Кичево оваа година ќе добие нов културен белег со првото издание на „Кичево филм фестивал“ (10–12 јули), современ, урбан и динамичен фестивал чија цел е градот да го позиционира како нова филмска и културна дестинација во регионот. Фестивалот ќе се одржи на Китино Кале, локација со богато историско наследство и впечатлива природна сценографија, која за оваа пригода ќе биде претворена во уникатна отворена филмска сцена. Во текот на шесте фестивалски дена посетителите ќе имаат можност да уживаат во разновидна програма што ги обединува филмската уметност, едукацијата, урбаната култура, музиката и современите аудиовизуелни содржини.
– Програмата е конципирана како шестдневно фестивалско доживување и вклучува два дена со настани пред официјалното отворање, три главни фестивалски денови и завршен фестивалски ден посветен на музичка програма и активности за вмрежување – велат организаторите.
Во рамките на фестивалот ќе бидат прикажани домашни, регионални, европски и авторски филмови, а посетителите ќе имаат можност да се сретнат со режисери, актери и филмски професионалци преку разговори и дискусии.
Фестивалот ќе му додели награда за трајни вредности во филмот на доајенот на македонската актерска уметност Јовица Михајловски, кој со повеќе од четири децении творештво, десетици филмски улоги и телевизиски серии остави неизбришлива трага во македонската кинематографија преку филмовите „Викенд на мртовци“, „Тетовирање“, „Самоуништување“, „До Балчак“, „Панкот не е мртов“, „Скопје ремикс“, „Бушава азбука“, „Соба со пијано“, „Превртено“ и многу други. Особено место во неговата кариера има култниот филм „Самоуништување“ (1996), по сценарио на Сашко Насев и во режија на Ербил Алтанај, во кој ја толкува легендарната улога на Кумплунг, а се потпишува и како еден од продуцентите. Филмот останува запаметен како единствениот игран филм во македонската кинематографија реализиран со приватни средства.
По повод 30 години од премиерата на „Самоуништување“, „Кичево филм фестивал“ свечено ќе го отвори своето прво издание со специјална проекција на филмот, по што на Јовица Михајловски ќе му биде врачена наградата.
Посебен акцент ќе биде ставен на младите автори, за кои ќе бидат организирани работилници, додека дел од програмата ќе биде посветен и на изложба на фотографии од кичевски автори.
– Фестивалската атмосфера ќе биде дополнета со отворено киноискуство, аудиовизуелни и мултимедијални перформанси, како и вечерна музичка програма. Во текот на целиот фестивал, прекуден и навечер, диџеј-артисти ќе настапуваат во зоната „Синема бар“ и фестивалскиот простор, создавајќи континуирана урбана атмосфера – дополнуваат организаторите на фестивалот.
Дополнителна вредност на програмата ќе дадат мастерклас-сесиите, на кои реномирани филмски професионалци од регионот и Европа ќе ги споделат своите искуства и знаења, како и средбите со артисти, кои ќе овозможат неформална комуникација меѓу публиката и актерите, режисерите и другите филмски автори. Организаторите истакнуваат дека „Кичево филм фестивал“ не е само уште еден фестивал туку и нов културен импулс што ќе придонесе за развојот на локалната културна сцена, ќе ја афирмира филмската уметност и ќе го отвори Кичево кон нови креативни соработки и регионални културни иницијативи.

Македонски


