Skip to main content

Филипче смета дека гласањето на дијаспората ќе го наруши изборниот процес

 Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска на прес-конференција се осврна на Изборниот законик, нагласувајќи дека со електронското гласање на дијаспората се доведува под знак прашање легитимноста на изборите.

-Премиерот изјави дека во поднесениот предлог за измена на Изборниот законик ги прифаќа сите наши забелешки и точки, освен за гласањето на дијаспората… Токму овој начин на гласање на дијаспората, кој го предлага Христијан Мицкоски, не е ниту европски, ниту демократски. Гласање на дијаспората по електронски пат, се обиделе да го имплементираат многу поразвиени земји од нашата, како на пример Франција и откако увиделе дека не можат да го спроведат како што треба со соодветна контрола, тие тоа го повлекле – рече Филипче појаснувајќи го ставот на партијата.  

Тој нагласи дека своето право на глас граѓаните во земјава го остваруваат со сериозни проверки на идентитетот, преку фингер принт, а сега, вели, целосно спротивно на тоа, иселениците од земјава треба да гласаат без никаква контрола. 

Со оваа измена на законот, со која се воведува електронско гласање за нашата дијаспора, за потенцијално стотици илјади луѓе, според Филипче, се отвора можност за злоупотреби на изборниот процес преку, вели, контролирано гласање, можност едно лице да гласа во име на повеќе други лица.

-И доколку системот биде идеално изработен, зошто да ја изложуваме државата на ризик? Што ако еден или два дена пред изборите, или на самиот ден на гласањето, електронскиот систем биде компромитиран? Како тогаш ќе бидеме сигурни дека сме имале легитимни избори? Ова се конкретни забелешки, а од премиерот не добивме одговор на ниту една од нив. Единствено инсистира оваа измена на Изборниот законик да остане и така да биде донесена во Собранието, рече Филипче и повтори дека ќе го блокираат носењето на овој закон, со поднесување на најавените неколку илјади амандмани на денешната седница на надлежната собраниска комисија.

Тој подвлече дека не може да се биде целосно сигурен дека системот за електронско гласање ќе биде безбеден и додаде дека тоа е материја што мора детално да се уреди со закон.

-И, на крајот, ако постои и најмал сомнеж дека нешто може да го наруши изборниот процес, зошто да брзаме? Изборите не се ниту утре, ниту наесен. Тие се во 2029 година. Нека се формира експертска работна група, во која ќе учествуваат повеќе политички партии, и нека се уреди ова прашање. Нека се повлече овој член од законот, нека се работи темелно, а потоа, ако се утврди дека системот е безбеден и сигурен, повторно нека се предложи како измена на Изборниот законик. Зошто дијаспората, односно нашите сограѓани во странство, да гласаат на начин за кој утре може да се отвори сомнеж дали бил законски, дали бил злоупотребен и дали изборите биле легитимни? Зошто нашите сограѓани да бидат изложени на таков ризик? Зошто утре некој да им каже дека биле дел од нелегитимно спроведени избори? Нема никаква потреба од тоа – изјави Филипче.

Тој додаде дека сите што имаат македонско државјанство и македонски пасош треба да имаат право на глас, но дополни дека смета оти забелешките што ги изнел се легитимни. 

Во однос на владината реконструкција, претседателот на СДСМ изјави дека ги чуле имињата на министрите, но како што рече, повторно ги слушнале истите ветувања, поради што од оваа Влада, вели, „не може да се очекува ништо“. 

Поврзани вести