
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски е убеден дека во дадениот рок ќе бидат донесени сите реформски закони, а со тоа ќе бидеме прворангирани на јунското „мерење“ за почеток на преговори во ЕУ и со официјална одлука на почетокот на јули ќе бидат ослободени уште средства за земјава.
Апсолутно, да не речам дека сум сигурен дека тука веќе ќе влеземе како првопласирани. Има последни нивелирања на одредени законски решенија и индикатори кои денеска на онлајн владина седница после овие пратенички прашања ги завршуваме. Утре вие имате седница на Парламентот и цениме дека на тој начин ќе имаме меко приземјување со овој јунски циклус. Веќе следната недела имаме брифинг со евроамбасадорите во државата. Морам да се заблагодарам на сите институции и колеги од Владата кои и во неработни денови и празници работевме, да се заблагодарам на господинот Копан од ЕК со неговиот тим којшто често пати беше со нас во овие процеси, на пратениците кои не следат континуирано – рече Мицкоски денеска во Собранието, одговарајќи на прашање од пратеникот Пеце Милевски.
Изрази надеж дека денеска ќе се надминат сите предизвици и дека Изборниот законик ќе се најде на утрешната седница овде во Парламентот бидејќи тој чекор е важен и треба да се заврши. Ги замоли пратеничките групи за конструктивност за да може утре Изборниот законик, со прифатени забелешки на ОБСЕ/ОДИХР да се гласа во Собранието.
Мицкоски информираше дека три држави од шесте во групата Западен Балкан немаат искористено средства од реформската агенда.
Дел од тие средства остануваат во еден пул и останатите држави ќе ги користат. Неофицијално информирани сме дека ќе имаме зголемување на тој буџет поради испораката што ја правиме со реформите, но тоа би требало конечно како одлука да се донесе на почетокот на јули месец – рече премиерот додавајќи дека тоа е уште едно признание за напорите на Владата во делот за испораката за реформската агенда.
На тој начин, вели тој, ќе обезбедиме дополнителни средства и за ликвидност на Буџетот и за исполнување на програмите.
Тие средства кои се определени со реформската агенда, во нашиот случај 750 милиони евра, тоа не се средства што некој ги има во џеб и на нас, како испорачуваме, ни ги дава. Туку тие се поделени од прилика на три дела, една третина е буџетска поддршкиа, една третина се грантови за проекти и една третина се меки кредити кои би почнале да се исплаќаат од 2032 година – кажа Мицкоски.
Зборувајќи за почетокот на преговорите во контекст на уставните измени и човековите права, за што, како што кажа цел ден слуша, праша кои се политичарите да ценат за почитување на нечии човекови права, и потенцира дека постои институција што дава суд дали човековите права се нарушени или не се нарушени, а тоа е Судот за човекови права во Стразбур.
Трето, тој суд во Стразбур во изминативе неколку години донел повеќе од 14-тина пресуди во којшто вели дека човековите права на македонската заедница во Бугарија се нарушени и „нула“ за бугарската заедница кај нас. Тогаш, четврто, логично се поставува прашањето за кои човекови права зборуваме? Ние мора да правиме компаративна анализа, да правиме аргументи, ние не можеме на чувства да зборуваме и да ги политизираме темите. Затоа секогаш кога некој ќе праша и ќе ја постави темата дека уставните измени практично се дел од кластерот за човекови права тогаш тој најверојатно не ги познава работите или се обидува да го политизира тоа прашање – рече Мицкоски.

Македонски



