Skip to main content

Андоновски: Дигиталната трансформација значи помалку бирократија и повеќе доверба

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска порача дека дигиталната трансформација е директно поврзана со доброто управување, транспарентноста и борбата против корупцијата, нагласувајќи дека јасните, дигитални и следливи процедури го намалуваат просторот за субјективност и коруптивно однесување.

На настанот по повод одбележувањето на Денот на јавната администрација, Министерството за дигитална трансформација го освои првото место за управување со квалитет во јавниот сектор, според Индексот на квалитет за 2025 година.

Фактот што Министерството за дигитална трансформација е рангирано на прво место во мерењето на индексот на квалитет на институциите од јавниот сектор за 2025 година, по само две години од постоењето, е потврда дека кога институцијата има фокус кон граѓаните, организирани процеси и посветен тим, резултатите стануваат видливи и мерливи – истакна Андоновски.

Министерот Андоновски нагласи дека дигиталната трансформација е директно поврзана со доброто управување, транспарентноста и борбата против корупцијата. Според него, кога процедурите се јасни, дигитални и следливи, се намалува просторот за субјективност, непотребно одолговлекување и коруптивно однесување.

Тоа е суштината на дигиталната трансформација. Не технологија заради технологија, туку подобра јавна услуга. Помалку чекање. Помалку бирократија. Повеќе доверба во институциите. А кога процесите се дигитални, јасни и следливи, се намалува просторот за субјективност, за непотребно одолговлекување и за коруптивно однесување – порача Андоновски.

Тој посочи дека токму тоа е суштината на дигиталната трансформација — не технологија заради технологија, туку подобра јавна услуга, помалку чекање, помалку бирократија и повеќе доверба во институциите.

Министерот упати благодарност до вработените, нагласувајќи дека наградата е резултат на нивната посветеност и работа.

Ова е нивна награда. На луѓето кои секојдневно работат со граѓани, со институции, со системи, со проблеми кои често не се гледаат однадвор, но од кои зависи дали една услуга ќе функционира или не – рече Андоновски.

Тој се заблагодари и на Министерството за јавна администрација за спроведувањето на мерењето, оценувајќи дека тие придонесуваат за поголема отчетност и напредок.

Нашата цел останува иста: институции кои работат побрзо, поефикасно и почесно; услуги кои се креирани околу потребите на граѓаните; и јавна администрација која гради доверба – порача министерот.

Мерењето за 2025 година беше реализирано преку комбиниран пристап, кој ги опфаќа перцепцијата на корисниците и реалното искуство при добивање услуга, при што беа опфатени 10 јавни институции, 627 испитаници и 70 „тајни клиенти“.

Поврзани вести