Skip to main content

Девет пријави за семејно насилство за едно деноноќие, четири лица уапсени

Министерството за внатрешни работи во текот на изминатото деноноќие евидентирало девет пријави за семејно насилство на подрачјата на Скопје, Дебар, Тетово, Штип, Кочани, Кавадарци и Куманово. Во четири случаи сторителите биле лишени од слобода, додека со две лица бил извршен службен разговор.

Во Скопје, 37-годишна жена пријавила дека на подрачјето на Кисела Вода добивала закани од нејзиниот сопруг, со кого се наоѓале во бракоразводна постапка. Во друг случај, полициски службеници извршиле службен разговор со 43-годишен скопјанец, откако бил пријавен дека физички ја нападнал својата вонбрачна партнерка. Исто така, 59-годишен маж пријавил дека бил психички малтретиран од својот татко.

Во Дебар, полицијата го лишила од слобода 34-годишниот А.Л., осомничен дека физички ја нападнал својата вонбрачна партнерка.

Во Тетово, од Клиничката болница било пријавено дека 44-годишна жена побарала лекарска помош откако, според пријавата, била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер.

Во Штип, приведен бил 40-годишен маж поради физички напад врз неговата сопруга, додека во Кочани бил извршен службен разговор со 20-годишно лице, пријавено од неговиот дедо за физички напад и закани.

Во Кавадарци, 52-годишен маж бил лишен од слобода по пријава дека му се заканувал и физички го нападнал својот внук, а во Куманово приведен бил 33-годишен маж поради агресивно однесување и физички напад врз неговите родители.

Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на сите случаи, по што против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Поврзани вести