
Државниот завод за ревизија во извештајот за работењето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за 2024 година констатира дека наплатените придонеси не се доволни за покривање на расходите за исплата на пензии, поради што Фондот останува во значителна мера зависен од средства од државниот буџет.
Според ревизорскиот извештај, трансферите од буџетот учествуваат со 36,71 проценти во вкупните приходи на Фондот, што укажува на продолжена зависност на пензискиот систем од државната поддршка.
Ревизорите утврдиле и дека Фондот не ги уплаќа навремено придонесите за здравствено осигурување на пензионерите кон Фондот за здравствено осигурување, иако тоа е законска обврска. Во текот на 2024 и 2025 година уплатите биле реализирани со повеќемесечно задоцнување, а заклучно со 28 февруари 2026 година доцнењето достигнало осум месеци.
Вкупната неисплатена обврска за периодот од јуни 2025 до јануари 2026 година изнесува 8,4 милијарди денари, односно околу 136,4 милиони евра.
Поради утврдените состојби, Државниот завод за ревизија изразил неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи, како и за усогласеноста на работењето со законската регулатива.
Според податоците во извештајот, приходите од придонеси во 2024 година достигнале 71,4 милијарди денари, додека расходите за пензии изнесувале 90,3 милијарди денари, што покажува дека приходите не го следат растот на трошоците за исплата на пензии.

Македонски



