
Податоците на пензионерите и осигурениците не биле и не се компромитирани, соопшти Фондот на пензиското и инвалидското осигурување по повод објавениот извештај на Државниот завод за ревизија за неговите информатичко-комуникациски системи.
Од Фондот велат дека голем дел од утврдените пропусти биле надминати уште за време на ревизорскиот процес, додека значителен дел од препораките се целосно реализирани или се во напредна фаза на спроведување.
Во реакцијата, Фондот ги поврзува констатираните состојби со управувањето со институцијата во периодот до септември 2024 година. Оттаму оценуваат дека долгогодишното отсуство на стратегија за сајбер-безбедност и занемарувањето на основните безбедносни стандарди ја изложувале на ризик стабилноста на пензискиот систем.
Според соопштението, во текот на 2025 и 2026 година се преземени повеќе активности за модернизација на информатичката инфраструктура и зајакнување на безбедноста.
Меѓу нив се воведувањето системи за откривање и одговор на закани кај крајните уреди — EDR, како и услуги за управувано откривање и одговор на безбедносни закани — MDR. Воспоставено е и централизирано следење и анализа на безбедносните настани, а завршени се активностите за сегментација на мрежата и дополнително зајакнување на контролите за пристап.
Во 2025 година, како што наведуваат од Фондот, на посебна локација надвор од седиштето е воспоставена инфраструктура за опоравување на системите при катастрофи, односно Disaster Recovery. Се спроведуваат и редовни процедури за резервно копирање и заштита на податоците.
Како дел од мерките по ревизорските препораки, извршени се надградби на серверската инфраструктура и оперативните системи. До средината на 2026 година биле заменети и модернизирани над 100 работни станици што користеле постари технолошки платформи, со што, според Фондот, е обезбедено користење поддржани и ажурирани оперативни системи.
Паралелно се ажурирани интерните политики и процедури за информатичка безбедност. Во текот на 2026 година ИТ-секторот е доекипиран со нов стручен кадар, а се реализираат и обуки за вработените.
Од институцијата ја посочуваат и соработката со Светска банка и изготвената функционална анализа на работењето на Фондот, врз чија основа се преземаат активности за организациско и кадровско зајакнување и модернизација.
„Немало и нема компромитирање на Вашите податоци. Податоците на граѓаните се сигурни, а Фондот презема сè за гарантирање на нивната доверливост, интегритет и достапност“, се наведува во пораката до пензионерите и осигурениците.
Од ПИОМ порачуваат дека ревизорските препораки ги користат како насоки за отстранување на слабостите и за обезбедување посигурни, модерни и стабилни услуги за граѓаните.

Македонски

