Skip to main content

Само тројца ученици се запишале во битолското земјоделско училиште – Јаневска најавува промени

Министерката за образование и наука Весна Јаневска  одговарајќи на новинарско прашање, информираше дека во првиот уписен рок биле запишани околу 14.500 ученици, а во текот на денешниот втор уписен рок се очекува дополнително да бидат запишани уште околу 2.000 ученици.

Нејзините очекувања се по завршувањето на вториот уписен рок речиси целосно да се пополни бројот на ученици предвиден за запишување во средните училишта во државата.

Осврнувајќи се на состојбата во земјоделското училиште во Битола, министерката рече дека, и покрај реакциите во јавноста, предвидувањата на Министерството се покажале како точни.

„Во моментов има запишано само три ученици во прва година во земјоделското училиште во Битола. Сметам дека требаше да има поголема ажурност од страна на училиштето во привлекувањето и промоцијата пред деветтоодделенците“, изјави Јаневска.

Таа нагласи дека согласно законските прописи не може да постои паралелка со само тројца ученици, поради што од следната учебна година земјоделската струка ќе биде префрлена во Регионалниот центар во Битола.

Според министерката, учениците што годинава се запишале ќе бидат пренасочени во друга струка, додека постојните ученици од втора, трета и четврта година ќе продолжат да ја следат наставата како и досега.

Јаневска потенцираше дека не станува збор за згаснување на земјоделската струка, туку само за нејзино преместување во Регионалниот центар, каде што, како што рече, се инвестирани значителни средства.

Поврзани вести