
Во насока на унапредување на безбедноста во сообраќајот, се подготвуваат законски измени за уредување на употребата на електрични тротинети. Ова го истакна министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, при презентацијата на националниот проект „Прекинување на циклусот на насилство – системска превенција на семејно и врсничко насилство преку образовниот систем“ во Владата.
Министерот информира дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе предлог-измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, базирани на препораките од експерти и стручни служби на Министерството.
Ќе пристапиме кон заострување на казните и регулативата во делот на управување со електрични тротинети, особено кај најмладите – нагласи Тошковски.
Министерот посочи дека анализите укажуваат на тоа дека најголем број сообраќајни инциденти со тротинети се случуваат кај младата популација, особено кај лицата помлади од 17-18 години.
Нелегалното управување, возењето во групи од двајца или тројца, без заштитна кацига и непочитување на сообраќајните правила, води до сериозни последици – потенцира Тошковски.
Тој додаде дека дел од предвидените измени ќе вклучуваат и покачување на минималната старосна граница за управување со електрични тротинети, со цел поголема заштита на најмладите и намалување на ризиците во сообраќајот.
Во однос на проблемот со нелегалните премини кај Бит-пазар, Тошковски истакна дека прашањето е веќе предмет на координации меѓу Министерството за внатрешни работи и Град Скопје, и најави претстојни конкретни активности.
Постојат редовни координации и ова прашање е веќе дискутирано. Во иднина може да очекувате конкретни мерки за подобрување на безбедноста – изјави министерот.
Тој нагласи дека, покрај институционалните мерки, клучно е и почитувањето на сообраќајните правила од страна на самите граѓани.

Македонски



