
Ликовната изложба „Ехо“ на авторката Ана Ивановска ќе биде отворена во четврток, 19 јуни 2026 во 19 часот во галеријата Прима Центар Берлин, Германија.
„Ехо“ е визуелно истражување на трагите што глобалните настани ги оставаат врз поединецот и општеството. Пандемијата, војните и кризите создадоа чувство на неизвесност, страв и отуѓеност, но и потреба за преиспитување и внатрешна промена. Преку фотографија, фотомонтажа и инсталација, делата ги одразуваат емоционалните и психолошките состојби на современиот човек, поттикнувајќи размислување за личната и колективната трансформација.

Повторувачките мотиви на маски, ракавици и човечки фрагменти стануваат симболи на ограничувањата, ранливоста и прекинатата комуникација, додека делата со поинтимен карактер ги отвораат прашањата за телото, идентитетот, мајчинството и личното искуство. Во контраст на овие состојби, органските и космички форми во дел од работите упатуваат кон исцелување, внатрешен мир и повторно поврзување со природата.
Како ехо на современото време, проектот се движи помеѓу стравот и надежта, потсетувајќи нè дека и во периоди на неизвесност постои можност за трансформација, блискост и пронаоѓање нова смисла.

Македонски



