
Грчката морнарица е во целосна готовност за распоредување поморски единици кога ќе започне новата проширена операција што ќе опфаќа поддршка и деминирање на Ормуската Теснина, пишува грчкиот весник „Катимерини“ и повикувајќи се на свои извори посочува дека во оваа мисија Грција би учествувала со една фрегата и еден брод, јави дописничката на МИА од Атина.
Добро информирани извори за весникот брифирале дека Грција во новата мисија би ја вклучила фрегатата од типот МЕКО, која веќе учествува во операцијата „Аспидес“ (Штитови) на Европската Унија за придружба на трговски бродови во Црвеното Море, како и брод за општа поддршка, при што се разгледува можноста за распоредување на бродот „Промитеј“, најголемиот брод на грчката воена морнарица.
„Катимерини“ пишува дека се разгледуваат три основни сценарија, првото, доколку нема противење од Иран, мисијата би можела да трае околу шест месеци, второто, да се прошири и до една година доколку во регионот дејствуваат автономни групи, независни од Иран, а третото сценарио се однесува на можен неуспех на договорот, што би довело до дополнителни доцнења или дури и до напуштање на операцијата.
Конкретното прашање за обезбедувањето и деминирањето на Ормуската Теснина во следните месеци се очекува да биде отворено на утрешниот состанок на НАТО во Брисел.
Грчкиот весник потсетува дека веќе постоеле разговори за можноста операцијата „Аспидес“ да се прошири и во Ормуската Теснина, со цел спроведување операции за отстранување на поморски мини, но и дека „повеќе земји-членки на ЕУ и НАТО веќе се залагаат за модел кој повеќе би наликувал на т.н. „Коалиција на подготвените“, формирана по изборот на Доналд Трамп за претседател на САД, со цел зајакнување на поддршката за Украина“.
Доколку биде избран овој модел, тогаш ќе се формира посебна операција која ќе соработува со „Аспидес“ на ЕУ, но ќе има јасно одвоена улога. Дипломатските активности за овие процеси се доста интензивни, а во нивниот фокус е силниот поттик од Вашингтон за „поделба на товарот“, пишува „Катимерини“.(МИА)

Македонски



