
Ирена Павлова Де Одорико е македонска писателка, поетеса, романописец, новинарка. Родена е на 19 ноември 1967 година во Велес. Дипломирала и магистрирала на Општа и компаративна книжевност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работела како новинар во повеќе списанија и медиуми во сектор за култура, а со истата дејност се занимавала и повеќе години во редакија за култура на ТВ Телма во Скопје. Во 2001 влегува меѓу десетте финалисти за Европа за наградата „Рома – Тиволи – Европа“. Истата година учествува на Светскиот поетски фестивал, Венециското биенале од кадешто е селектирана во светската поетска антологија под наслов „Специјална акција на Венециското биенале“.
Ирена Павлова Де Одорико живее и работи во Венеција, Италија, каде неизоставно ја претставува македонската култура. Член е на Друштво на писатели на Македонија од 2001 година. Од 2015 година таа активно твори и на македонски и на италијански јазик. Во 2004 година ја доби наградата „Стојан Христов“ за најдобра поема од дводомен автор за поемата „Светецот“. За поемата „Марија од Магдала“ ја доби наградата за најдобра поема од дијаспората, како и учество во многу наши поетски антологии, во македонски и светски рамки.
Авторка е на книгите: „Велзевул“, поезија 1999 година; „Номад“, поезија 2000 година ; „Новата Ева“, поема 2001 година; „Деколте“, поезија 2004 година ; „Од другата страна на животот“, есеи за Силвија Плат, 2010 година; „Новиот човек“, проза, 2011 година ; „Антологија на заборавените македонски поетеси: Шуплинова, Ручигај, Трифуновска, 2013 година ; „Пенелопа од Венеција, поезија, 2016 година; „Љубоовта на Марија од Магдала“, поема, 2017 година; „Просветлени песни“, поезија, 2018 година; „Подстанарка“, роман, 2019 година, роман кој е преведен на италијански јазик, „Емигрантка“, проза; „Афористичка татковина“, 2023 година, книга со афоризми и омаж за нејзиниот татко, почитуваниот хуморист и сатиричар Живко Павлов.
За поетската збирка „Новоженство“ во 2024 година е добитник на наградата „Ацо Караманов“.
Годинава, Павлова е добитник на неколку значајни интернационални награди за поезија: ,,Она што Каин не го знае ”, наградата која наскоро треба да и биде доделена во Фоџа (Foggia); тоа е награда Ад Онорем за поезија, потоа академската награда за поезија „Сенека“ доделена од Академијата за наука, уметност и култура Бари, Италија, како и наградата „Наџи Нааман“ од академијата од Либан преку која Павлова се стекнува и со почесно членство во самата академија.
Ирена Павлова Де ОДорико е најмадата македонска поетеса застапена во енциклопедијата на МАНУ.
Јас сум Живка
И пред и после
Антигона
Сепак
Ум си створил
Од челик
Ама душа од тантела
Ќе ја порабам
Секоја твоја гротеска
Епиграм
И хумореска
Ова требаше
Да биде поема
Налик на
Сатирикон
На животот твој
А што да правам
Животот
Не смртта
Направи да напишам
Поема
Неочекуван емотикон
Громогласен на вечноста тон…

Неодамна, од печат излезе вашата најнова книга „Јас сум Живка”, со која заокружувате 27 години творештво. Оваа книга е специфична по многу нешта. Пред се’ е посветена на Вашиот татко, но и жанровски е раритетна комбинација, микстура од книжевни постапки чија основа е автобиогравското со фиктивни орнаменти. Сега, откако се објави, ќе ни ги објасните мотивите за, создавање на ова дело неговите внатрешни динамики?
Меланжот од книжевни жанри, е специфичен напиток, нектар за вљубените во пишаната реч. Причината е запишана во гените на татко ми, ама и во генијот на неговата единствена дарба да ги сублимира најсуптилните внатрешни процеси на индивидуите, како и колективните динамики на светот и на векот, како бард на македонскиот и светски хумор и сатира. Биолошкото наследството, ДНК- та, крвта која, нели, не е вода, е суштина и кардинална мотивација за нашето постоење на планетата Земја. Но, освен прокреацијата, кога од родителот наследувате чеиз од катадневна и неопходна мисловност, која упорно има потреба од превод во реч, која од своја страна станува насушна, како воздухот, водата и лебот, тогаш нужно ја наследувате. Не се прашувате зошто е тоа така. Едноставно, знаете и чувствувате дека таа дарба направила бесценети меандри во невроните, кои во слапови ви ги бистрат умот, душата, поставувајќи ве во центарот на вистинското именување на нештата, како тоа да доаѓа само по себе, како отсекогаш да било тука, па се активирало во дадени мигови, при долгите разговори со таткото. Како кодирање на сржта, на смислата на постоењето. Тие средба од оваа страна беа вистинска катарза на едно внатрешно согледување и огледало. Но, и огледало свртено на вистинско место кон Човекот, кон светот. Како отсликувања, за кои се наоѓаат вистински зборови. Мојот татко ме научи да размислувам минималистички, среде океанот од неброени можности. Да сведувам, тргнувајќи од бесконечни човечки фиктивни и фактички одисеи. Мислата му беше како на совршен снајперист. Таква стануваше и мојата. Се’ повеќе и повеќе. Додека, душите ни беа од тантела. Тоа е радчекорот на поврзаните крвни садови, кои едноставно, морате да го хармонизирате, особено, кога сте жена, во овие води, во кои доколку не умеете да пливате во најдлабокото и да се извлекувате од вртлозите. Мојот татко, генијот на сатирата, бритките мисли пред познатите и непознатите, ги вадеше како врели лебови од фурна. Некому му гореа рацете, зашто вистината не може да се додржи / издржи, зашто не може да се понесе и поднесе. Но, никој не му го забележуваше тоа. Имаше супериорна харизма, моќно присуство, право да биде тоа што е. И, секогаш наидуваше на восхит. И во престижни книжевни списанија во Москва, во земјите на поранешна Југославија, како и на многу сцени, јавни и приватни, во боемските ќошиња, беше уважен рапдод на, жешката мисла, ала Оскар Вајлд. Беше еден од првите покренувачи на списанието за хумор и сатира „Остен”. Ја подбодуваше заспаната свест на времето и неговите учесници. Јас бев сведок. Сега, веќе децении сум активен изданок на неговата неповторливост. Но, Жена сум.. Мора да го докажам генот и да го афирмирам на мој начин и во мој правец, со години. Задача, нималку лесна, честопати нему соопштена, Во чии рамки неговото звучно презиме и конструктивно вербално хумористично камшикување, со оглед на општествени околности, повеќе ми одмогнуваа да го решам мојот работен, професионален статус, како и авторскиот, одошто ми помагаа. Но, данокот на вредноста мора да се плати. Како што јас го плаќав. Го плаќаше и тој, мојот татко, но, и мојата мајка, на која и’ пишуваше стихови во долгите ноќи, па таа се будеше со најблагородното сведоштво на љубовта. Данокот на паралелниот живеење во мислата и во речта, бара свои свети жртви во самиот живот. Постојат луѓе поголеми од животот, за кои секојдневието е кафез во глобалната зоолошка градина за Човекот, за човештвото. Се жртвува нуклеудот и на семејството, секако. Да, татко ми се’ повеќе беше отсутен физички, заради околностите, но, секогаш присутен како учител, духовен подвижник, сеејќи принципи на творечкиот постоење во комбинација со професионалната етика и етиката на припадноста на еден народ. Толку беше/ е голем, што сите зборови се мали да опишат бесценета ука и жар/ пасија, што ја наследив, до степен на таква сличност, среде сета полова разлика, фамилијарна хиерархија, родителска послушност.
Од скоро, Живко Павлов не е повеќе на земјата, ама, ми испраќа сигнали од другата страна, дека мисијата на „живковијанството” не е завршена. Напротив, е толку многу жива, толку слична, интензивна, истородна, а сепак, постои сосем доволен простор да бидам како Ирена, Живка. На мој начин, но со сета патина и со сите патила и радости што сето мое искуство ги носи како негова ќерка и авторка.
„Јас сум Живка“ е микстура од жанрови, чија подлога е автобиографскиот „носач на звукот“’, кој датира од моето детство, младост, зрело доба. Автобиографија на мојот живот, биографија на неговиот, бележење на реминисценции, со навеви или зачини на фикција, токму колку да, се вкуси атмосферата на нашите испреплетени животи, среде кои животот ја има главната ролја, но главниот збор на суштината ја има творештвото, кое сведочи и ќе сведочи за нашите голготи, за нашите мини олимпијади, за сизифовските стремежи да го изнедриме најдоброто среде нашата мисија.
Неделива е радоста среде сознанието дека татко ми беше фарот, во долгите ноќи на себебарање во животот и во моето долгогодишно творештво.
Оваа книга е круна на сето мое творештво, но, таа круна е украсена со сите бесценети камчиња, со кои татко ми го бележеше неговиот пат, кој подоцна стана моја единствена и неодминлива траекторија на гордоста.
Не, не спорам со духот на мојот татко кој замина во вечноста, како што го правеше тоа Хамлет.
Со секоја реч од мојата нова книга, ја милувам секоја негова мисла, удефа, реч, среде алхемијата од сите наши минати, сегашни и идни духовни средби, во името на Големата прегратка на две души кои постојат да разубават уште нечиј/ нечии живот / животи.

Се дефинирате како „лирска емигрантка“. Што навистина значи тоа, за вас, и, што би донесе на интернационален план , но, и во рамките на нашата земја?
Се дефинирам себеси, како лирска емигрантка. Така ми е полесно да спојува мостови меѓу две култури. Македонската, нашата, и италијанската, во која актуелно живеам. Инжинеријата на вербалните столбови од зборови, бара титанска сила, но, од друга страна, сознанието дека врз тие мостови се сретнуваат стихови и луѓе, чиј живот е оплеменет со духовна и креативна убавина, ме прави навустина радосна. Емигрантската судба е мошне деликатна, умее да биде многу мачна, психо- ментално и физички. Лично, живеам неколку паралелни реалности. Реалноста на секојдневниот живот во едно општество, драстично поинакво од она во кое сум создадена, зададена и во кое се формирав како битие. Општество во кое едноставно мора да се смени кожата, кога трева, кога е неопходно, како што тоа го прави змијата. Но, воедно, во тој миг, се раѓа една нова сила, една поинаква моќ. Друга е, пак, реалноста на поетски план, каде се доближуваат соѕвездијата на метафорите, талентот и дарбитр на луѓето со кои заедно настапувам на поетски читања, перформанси, презентации. На некој начин, сите произлегуваме од еден ист или сличен поетски извор. Таа димензија, таквата стварност ми е навистина „по мерка“’.
Сега доаѓа најзначајната паралелна стварност. Моето македонствување, каде и да се наоѓам. Не престанав и не престанувам да мислам и чувствувам на македонски, да пишувам на мојот јазик, да создавам и предоздавам симболи, значења и метафори, што ќе ме дообјаснуваат, и мене, и мојот јазик. А без него, нема идентитет. Но, јазикот е постојано под закана, нашата самобитност, исто така. Мотив повеќе, да продолжам по патот на изборното јазично само одржување и негова потврда.
Минатата година, ја промовирав книгата:,, Афористичка татковина”, посветена на мојот татко Живко Павлов, македонски и светски бард на македонскиот хумор и сатира.
Тој ме научи, каде и да се наоѓам, да бидам крепител, т.е. еден од крепителите на кирилицата, на македонското достоинство преку културата и уметноста, на светоста, која е заеднички именител на сето она што се создава на нашата земја, во нејзино име.
Пред ,,Афористичка та татковина ”, книга со мои афоризми, која е омаж за мојот татко кој пред една година замина од другата страна, ја објавив книгата:,, Светец ”. Народен јунак, измислен од мене, од авторот, но, толку многу верен на светец, кој како да постоел во некое наше минато, па сега постои таа легенда која книжевно се врамува во поетска структура. Лик, со сите свети одлики, пред се’. Ем радосен, ем тажен, напати смешен, понекогаш со трагични елементи на судбата, кои се дел од нашето поднебје.
За таа поема ја добив наградата за најдобра поема, од дводомен автор на Агенцијата за иселеништво. Во жирито беа еминентни автори од Струшките вечери на поезијата. Наградата го носи името на нашиот еминентен лик од дијаспората и писател, Стојан Христов.

Каков е Вашиот став во однос на третманот на дводомните автори во Македонија?
Знаете, во љубовта, меѓу двајца, кај нас, отсекогаш важела поговорката: далеку од очите, далеку од срцето. А јас, и како човек/ Човечица и како автор, отсекогаш се трудам да ги побијам општите места на поговорките. Зашто, далеку сум од очите, но, во творештвото, во неговото македонско издание, се трудам публиката да го гледа моето срце, одблиску, преку речта, преку стиховите, книгите, записите, зашто јас никогаш не сум се отселила од јазикот, од неговата благоглаголивост, милозвучност, суштина, значење, мисија.
Најголем дел од просветителите живееле во туѓина, но го алфабетизирале, го просветлувале македонскиот народ. Го правеле тоа, токму затоа што знаеле што значи отсуството од огништето, она физичкото. Кога ти студи дури и кога те топли оган од поинаква шума, која не е роднокрајна. Конечно, да се потсетиме на Миладинов и на неговата: „Т’ га за југ“ со која секоја година, традиционално се отвораат „Струшките вечери на поезијата“.
Заради сево ова, македонските културни чинители, книжевници, колеги, книжевни критичари, луѓе кои се дел од книжевните и културни манифестации, би требало повеќе да ги „милуваат“’ дводомните автори, контактирајќи ги преку разни културни манифестации, особено што живееме во време во кое Никола Тесла, далечината ни ја направил толку блиска.

Може ли да ни кажете, како „се пренесовте“ како поетеса со една исклучително специфична поетика, која академик Гане Тодоровски ја нарече „Единствен случај на радикална апокрифна фабулизација? ”
Драга колешке ( долги години бев новинарка во културата), па можам да си дозволам и така да се изразам, едноставно престанав да му верувам на препевот. Барем не, како што му верував. Не, не се виновни препејувачите. Едноставно, живеејќи овде, поетувајќи Во оваа земја, сфатив дека дури и една погрешна запирка, може да ја промени смислата, структурата, концептот, начинот на дишење на поезијата. Но, тоа е мој став. Токму затоа, се одлучив да ризикувам. Да пишувам и поезија на италијански. И, за убаво чудо, успеав, според реакциите на италијанската книжевна критика и публика, да го пренесам суштинското на моето творечко битие. Да бидам иста или слична.
Сведоци сме на голем број интернационални награди кои се приказ на вашето прифаќање и признание во светски рамки. Не само што сте осведочена, афирмирана македонска поетеса и писателка, туку вашите песни се, дел од многу антологии… Промовирате и книги на италијански јазик. Романот „Потстанарка“ го доживеа и неговото италијанско издание, во препев на Снежана Липковска- Хаџинаумова, А се погриживте и да го завршите вие и вашиот италијански сопруг. За тој роман акад. Гане Тодоровски ќе напише дека има редок парник и во светската книжевност… Тој вашето творештво го вброи во единствената енциклопедија на Ману.
Наградите се нешто кое го доживувам како едноставно „Благодарам“’ од некого. Тие значат благодарност, всушност во однос на квалитетот, во кој не е вграден само талентот, туку и огромен труд, дисциплина, пот, крв. Скоро добив две интернационални книжевни награди. ,,Она што Каин не го знае ”, наградата која наскоро треба да ми биде доделена во Фоџа ( Foggia). Тоа е награда Ад Онорем, за поезија. Од 8000 кандидати, одбрани се десеттина, секој во своето поле/ ресор. Ја добив и наградата за креативност во Либан, меѓу огромна конкуренција. Да истакнам дека кај добрите автори, одлучува вкусот на жирито. Но, да ја искористам приликата, и како книжевен критичар и рецензент, да ја маркирам вистината и правдата за поетите, дека : Не може секој да поседува поетска дарба, кој напишал неколку песни. Неопходна е повеќегодишна посветеност, и стил на живеење, кој е автентичен со поетското, а не е секогаш комотен.
Сведоци сме на шокантни примери на атакување на женската самобитност, став, сензибилитет, кои се дегенерираат дури до акт на фемициди. Сигурно, како авторка со снажен глас по многу прашања во и вон поезијата, ќе имате што да ни кажете, заокружувајќи ја оваа наша мошне пријатна средба…
Своевремено, пред години, ја напишав книгата: „Антологија на заборавените македонски поетеси”. Тоа дело мошне позитивно ја разбранува книжевната јавност кај нас, иако станува збор за психо- биографско профилирање на драматичните и трагични динамики на животите и творештвото на поетесите: Евгенија Шуплинова, Даница Ручигај, Радмила Трифуновска и Лилјана Чаловска. Можам да кажам дека и натаму е влијателно четиво кое се обработува и е основа на еден увид во сензибилитетот на поетесите кои создавале и живееле во повоениот период. Мислиме ли дека нешто е променето? Не би рекла дека постојат драстични позитивни третмани. Не, не сум феминистка и не би сакала така да звучам. Ова е се’ уште машки свет, кој уште еднаш ја фрли ракавицата на жените во лице, знаејќи дека жената е и сопруга, мајка, работничка, научничка, уметница. И уште многу друго.
Поетесите и денес, а можеби и како никогаш досега, се заглавено меѓу метла и метафизика, меѓу будност заради чедата и будност заради свеста на светот. Нејзиниот најмоќен мускул е умот. Но, физички е кревка. Супермен од жена, која и натаму мора да служи. Дали е тоа нејзина природа. Како мајка на две прекрасни деца, велам, да.Како мислителка и поетеса, велам не. Веројатно, во распетието е вистинскиот одговор. Ако е жената на распетие, според тоа што и’ е дадено да биде жртва, тогаш барем нека го има нејзиниот Симон чудотворниот, кој ќе и’, помага на најдолгиот пат. И, да, и таа, поетесата, има право на апостоли, за да не биде заборавено, тоа што го остава зад себе.
разговараше: Невена Поповска
фото: приватна архива

Македонски



