
„Верувам дека во наредниот период ќе ги поканам земјите-кандидатки да дојдат во Белград, за да можеме да разговараме за тоа како и на кој начин треба да се позиционираме кон Брисел, како и на кој начин можеме да си помагаме, како можеме да гледаме на заедничките работи и заедничките интереси“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Тбилиси.
Српскиот претседател Александар Вучиќ од денеска е во посета на Тбилиси каде што домаќин е неговиот грузиски колега Михаил Кавелашвили. По тет-а-тет средба со Вучиќ, Михаил Кавелашвили, кој беше избран од владејачката партија во Грузија „Грузиски сон“ за шести претседател на земјата, напиша на социјалната мрежа Фејсбук:
„На средбата разговаравме за блиските пријателски врски меѓу двете земји, културната блискост, заедничките вредности и современите геополитички предизвици. Разговаравме и за потребата од продлабочување на соработката меѓу Грузија и Србија во политичката, економската, технолошката, образовната и научно-истражувачката област“, напиша тој.
По средбата, лидерите не дадоа изјави за медиумите.
На состанокот се разговарало и за политичките процеси во двете земји, а посебно внимание е посветено на „важноста на обезбедувањето глобален мир, безбедност и стабилност“. „Особено нагласив дека Грузија, како една од клучните врски на Средниот коридор, е заинтересирана за проширување на партнерството со регионот на Западен Балкан“, напиша Кавелашвили.
Грузискиот претседател Кавелашвили го посети Белград во декември 2025 година, кога на заедничка прес-конференција со претседателот Александар Вучиќ ја обвини Европската Унија за „двојни стандарди кон Грузија и Србија“.
Грузија доби статус на кандидат за членство во ЕУ во декември 2023 година, но односите со Брисел беа затегнати по усвојувањето на контроверзниот закон за „странски агенти“ во мај 2025 година

Македонски



