Skip to main content

На пленарна седница помина Предлог-законот за соодветна и правична застапеност – прво читање

На пленарна седница попладнево помина Предлог-законот за соодветна и правична застапеност во прво читање. Од говорница можеа да се слушнат спротивставени мислења, меѓусебни обвинувања, различни толкувања на законските одредби. Пратениците од власта со пофалби, а пратениците од опозицијата со критики.

Пратеникот Беким Ќоку од „Вреди“ рече дека е ова значаен закон. Заснован на пописот, еднакво третирање на сите граѓани, согласно на нивните квалитети. 

– Законот гарантира еднакви можности и за помалите заедници, да ги имаат сите права на сите нивоа. Законот ги гарантира правата на граѓаните, рече тој меѓу другото. 

Тој ги повика пратениците  да ги стават на страна калкулацииите и да го поддржат овој предлог закон. 

Пратеникот Фатмир Битиќи од СДСМ рече дека суштината на овој закон, е разочарувачка.

– Секој граѓанин мора да биде вработен и унапреден според знаење, способност, професионалност и интегритет. Државната администрација не смее да биде партиски плен, ниту етнички пазар, затоа што институциите постојат за да им служат на граѓаните. Потребен ни е систем во кој компетентноста ќе биде услов, но еднаквата можност ќе биде гаранција, порача Битиќи. 

Тој подвлече дека овој закон мора суштински да се подобри заради Уставот, заради Охридскиот рамковен договор, заради довербата и заради Македонија како заедничка држава на сите нејзини граѓани.

Претходно, Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците одржа јавна расправа за Предлог – законот за соодветна и правична застапеност, во прво читање кој се носи во редовна постапка. Експерти и пратеници ги изнесоа своите видувања за законот, а дел од нив изнесоа низа предлози за негово подобрување, но исто така и следење на имплементацијата на законот. 

Поврзани вести