
Најдобрата македонска кошаркарска репрезентација ги стартуваше подготовките за дуелите од претквалификациите за Евробаскет 2029, кои на почетокот на следниот месец ќе ги играме против Република Ирска и Луксембург. Селекторот Жозеп Мариа Берокал, заедно со стручниот штаб составен од асистентите Ѓорѓи Кочов, Никола Велев и Марко Докузовски, на првиот тренинг имаше на располагање најголем број од повиканите кошаркари.

Во наредните денови се очекува приклучување на Андреј Јакимовски и Адем Мекиќ, како и на странската опција за која стручниот тим предводен од селекторот Берокал дополнително ќе донесе одлука. Репрезентативците ќе работат по еден тренинг дневно во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје, а пред крајот на седмица е планиран и првиот контролен натпревар. Проверка за „црвено-жолтите“ ќе биде на 21 јуни, кога македонскиот национален тим ќе игра против селекцијата на Бугарија на гостински терен.

Нашата репрезентација е дел од групата „А“ во претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2029 година, каде за противници ги има националните тимови на Ирска, Луксембург и Азербејџан. Македонската селекција досега има максимален ефект во групата – четири победи во исто толку натпревари и се наоѓа на првото место.

Дуелот со Ирска е на 2 јули во Скопје, во рамките на петтото коло, а три дена подоцна следува гостувањето во Луксембург со кое ќе биде затворена оваа претквалификациска фаза.



Македонски



