
Дваесет и четиригодишен скопјанец е приведен откако, по семејна расправија, му го одзел службениот пиштол на својот татко, кој е полициски службеник, и му упатувал закани.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил во текот на ноќта меѓу петокот и саботата во семејниот дом на подрачјето на Бит Пазар.
На 13.06.2026 во 01:30 часот во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишија од слобода В.К.(24) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава од неговиот 49-годишен татко, кој е полициски службеник“, соопшти МВР.
Според пријавата, околу 01:00 часот, по кратка расправија во домот, 24-годишникот му го одзел службеното оружје на својот татко и почнал да му се заканува.
Сепак, посериозен инцидент бил спречен благодарение на интервенција на нивен роднина, кој успеал да го совлада и да го спречи младиот човек да го употреби пиштолот.
По пријавата, на местото интервенирале полициски службеници од Единицата за интервентна полиција, кои го лишиле од слобода осомничениот.
Од МВР посочуваат дека по целосно документирање и расчистување на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Македонски



