Skip to main content

Погребот на поранешниот ирански врховен лидер, Али Хамнеи, ќе почне на четврти и ќе трае до 9 јули

X / KHAMENEI.IR | فارسی

Погребот на поранешниот ирански врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, ќе започне во Техеран на 4 јули и ќе заврши со погреб во неговиот роден свет град Машхад, на североистокот на земјата, на 9 јули, објавија денеска иранските државни медиуми.

Хамнеи беше убиен на првиот ден од израелските и американските воздушни напади врз Иран на 28 февруари.

Овој 86-годишен верски лидер беше на чело на Исламската Република 36 години, по смртта на првиот ирански верски лидер од Исламската револуција, во 1979 година, ајатолах Рухолах Хомеини.

Погребната церемонија ќе го вклучи и светиот град Ком, јужно од Техеран, на 7 јули, објавија медиумите.

Исламскиот закон налага починатиот да биде погребан што е можно поскоро, идеално во рок од 24 часа од смртта, но дозволени се исклучоци, на пример во време на војна.

За време на неговото владеење, Хамнеи го профилираше Иран како моќна антиамериканска сила, проширувајќи го своето воено влијание низ Блискиот Исток преку воспоставување и зајакнување на сили-посредници како Хезболах во Либан, додека дома со железна тупаница ги потиснуваше немирите.

Хамнеи во текот на неговото владеење остана силен критичар на САД, бидејќи сите американски администрации безуспешно се обидуваа да го решат спорот со Иран околу неговата нуклеарна програма.

Воздушниот напад во кој беше убиен го срамни со земја неговиот централен комплекс во Техеран.

Неговиот 56-годишен син Моџтаба, кој исто така ја загуби сопругата во воздушен напад и самиот беше повреден, беше избран за негов наследник како врховен водач. (МИА)

Поврзани вести