
По светската премиера на „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума на Tribeca Festival во Њујорк, пристигнаа и првите меѓународни критики, кои го препознаваат филмот како силна, искрена и општествено релевантна приказна за женската автономија, семејството, сиромаштијата и судирот меѓу традицијата и современиот живот.
Cineuropa:
Дума покажува сигурен режисерски глас и јасна контрола врз материјалот со кој работи. Овој филм покажува дека пред неа сè уште има простор за раст и авторско истражување, но истовремено ја издвојува како талент што вреди да се следи. Уште поважно, нејзината работа придонесува кон поширокото поместување кон поголема женска застапеност зад камерата, нудејќи промислена и навремена перспектива за прашања што и денес остануваат длабоко релевантни.
Filmhonuds:
„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е филм што најсилно функционира токму тогаш кога отворено и искрено ѝ пристапува на темата со која се занимава. Ништо не е пренагласено или изведено во претерана драма; напротив, Дума ги поставува работите што е можно пореалистично.
Со „Скејтбордингот не е за девојчиња“, Дина Дума се определува за реализам и емоција, кои во финалниот резултат се совршено избалансирани. Наместо да ѝ наметнува ставови на публиката, Дума им дозволува на сликите и моментите да останат пред гледачот, оставајќи визуелниот јазик сам да проговори. Токму тука филмот најсилно блеснува. Едноставно кажано, ова е воздржан и убав филм, на најмоќниот можен начин.
Next Best Picture:
„Скејтбордингот не е за девојчиња“ претставува важен филмски увид во едно угнетувачко општество и во штетните уверувања и практики што го спречуваат да се развива, воден од потези на многу силна филмска режија.
Unpaid Film Critic:
„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е филм за жени со реални и опипливи драмски потреби, кој ги отвора ограничените можности на една самохрана мајка во оваа култура. Филмот не нуди лесни одговори за безизлезните ситуации во кои се наоѓаат неговите ликови, и токму затоа делува болно возбудливо и автентично.
Popcorn Reviews:
Режисерката Дина Дума вешто ги користи предметите како метафори, со што го продлабочува подтекстот и ја засилува пораката на филмот. Нејзината режија е мека, нежна и длабоко емотивна.
Позитивни реакции пристигнуваат и од публиката на Letterboxd, каде што се издвојуваат нежноста меѓу сестрите и мајката, визуелната грижа за движењето, текстурата, бојата и кадрирањето, како и надежниот крај на филмот.
„Скејтбордингот не е за девојчиња“ ја имаше својата светска премиера во International Narrative Competition на Tribeca Festival 2026, една од најзначајните платформи за современ независен филм. Филмот е втор долгометражен проект на Дина Дума и претставува македонска приказна со силен меѓународен одек, која преку интимна семејна драма отвора универзални прашања за слободата, изборот и положбата на девојките и жените во општеството.

Македонски



