Skip to main content

Плаќањето сметки во банка „скока“ од 90 на 120 денари, провизијата за купување стан поскапува за 1.000 евра: Од август банките со нови тарифници

Од 1 август ќе не заплисне жежок бран поскапувања на банкарските услуги, што ќе претставува вистински ценовен удар за поголемиот број граѓани, посебно пензионерите и кредитокорисниците. Една по поголемите банки во земјава соопшти дека најавеното зголемување на банкарските надоместоци наместо со примена од 1 август, се одложува за 1 октомври годинава, додека од другите банки кои најавија нови ценовници за банкарските услуги, засега премислување нема. Тие со новите тарифници ќе започнат од почетокот на осмиот месец годинава.

На листата за поскапување се наоѓаат услугите кои ги користат поголемиот дел од граѓаните, како што се плаќање сметки на шалтер, одржување платежни и девизни сметки, користење дигитално банкарство, меѓународни трансфери и станбени кредити. Новите тарифи започнуваат со повисоки суми од пет денари, па нагоре, за кај некои услуги зголемувањето да достигне и 30 проценти.

Така ако сега провизијата за плаќање режиски трошоци на шалтер во готово изнесува 90 денари, од први август за истото ќе треба да се плати 120 денари по трансакција.

Поскапувањето најмногу ќе го почувствуваат граѓаните кои од август имаат намера да земат станбен кредит. За нив, финансискиот товар може да надмине и 60.000 денари, бидејќи се воведува нова еднократна провизија од 1 до 1,5 отсто од износот на кредитот.

Кај меѓународните трансфери за девизни плаќања преку интернет и мобилно банкарство ќе се наплатува провизија до 0,4 проценти од износот на трансакцијата, а дополнително се воведуваат и фиксни трошоци за СВИФТ-трансакции. Нови надоместоци се предвидени и за СЕПА-плаќањата.

Промени има и кај дигиталните услуги. Активирањето на одредени електронски сервиси ќе се наплатува еднократно, но дополнително ќе се наплаќа и користењето на мобилното банкарство.

Поскапуваат и одредени провизии за картичките. За премиум картичките се предвидени повисоки годишни членарини, а и подигнувањето готовина од банкомати на други банки во земјата и во странство ќе се наплатува поскапо.

И додека граѓаните почнува да ги фаќа паника, како ќе се справат со новите поскапувања, Народната банка на Македонија е немоќна да помогне. Имено за да се ограничат банкарските провизии, Министерството за финнсии е тоа кое треба да направи законски измени на постојната регулатива за платежни услуги, бидејќи Народната банка во моментов нема законска надлежност директно да ги ограничува банкарските надоместоци.

Наспроти меѓубанкарските провизии за картични плаќања, како и максималниот износ на надоместок (провизија) за неавторизирани трансакции, кои се со закон ограничени, сите останати тарафи на банките се во слободен лет.

Од Народната банка укажуваат дека не може да ги ограничи банакрските надоместоци, но доколку се донесат законски измени, ќе може да се стави ред во зголемувањето на провизиите.

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, апелираше да се разгледаат законските измени со кои би се вовеле дополнителни механизми за заштита на корисниците на платежните услуги и ограничување на одредени банкарски надоместоци, по примерот на повеќе европски земји.

Според гувернерот платниот промет е услуга што секојдневно ја користат граѓаните и компаниите и затоа прашањето за висината на надоместоците заслужува поширока јавна и институционална дебата.

Народната банка во моментов нема законска надлежност директно да ги регулира надоместоците што ги наплаќаат банките. Сепак, актуелните случувања покажуваат дека е потребно да се разгледаат можностите за дополнување на законската рамка, по примерот на повеќе европски земји каде што постојат механизми за заштита на корисниците и обезбедување фер и предвидливи услови за користење на платежните услуги. Целта е граѓаните и компаниите да имаат пристап до ефикасни платежни услуги по разумни надоместоци, во согласност со современите европски практики – смета Славески.

Заради заштита на стандардот на граѓаните, лани во септември Народната банка повика, а банките постапија со намалување на надоместоците. Но изгледа толку од општествената одговорност на банките, кои најавуваат од август поскапување на услугите.

Најавените поскапувања наидоа на остра осуда од Народната банка

Гувернерот Трајко Славески нагласи дека централната банка е „непријатно изненадена“ од одлуките на дел од банките за зголемување на надоместоците. Според него, зголемувањето на провизиите не е во согласност со напорите што институциите ги вложуваат за поевтини и подостапни платежни услуги.

Ваквите одлуки не придонесуваат за поголема употреба на електронските плаќања, туку напротив, создаваат дополнителни финансиски бариери за граѓаните – вели Славески.

Се на се, поединечно гледано можеби поскапувањето од 5 денари и нагоре не се чини многу, но кога ќе се соберат сите давачки, новите тарифници ќе значат дополнителен товар за секое домаќинство, чиј стандард и онака е секојдневно на удар на поскапувања од секој домен.

Автор: Александрија С. Николовска

Поврзани вести