Skip to main content

Мицкоски по пораките од Радев: Европските вредности мора да важат за сите

Премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, порача дека Владата ќе продолжи внимателно и без притисоци да го гради патот кон Европската Унија, коментирајќи ја и неодамнешната изјава на бугарскиот претседател Румен Радев за почитувањето на човековите права.

Според Мицкоски, доколку сите се повикуваат на темелните европски вредности, тие мора да важат подеднакво за сите држави и граѓани.

„Имаме план и стратегија и нема да работиме под притисок. Ова се процеси што бараат трпение, внимателност и аргументи, а не брзање“, изјави премиерот, додавајќи дека Македонија своите позиции ќе ги брани преку дијалог со европските партнери кои ги слушаат македонските аргументи.

Тој уште еднаш повтори дека нема да поддржи уставни измени доколку не постојат јасни гаранции за завршување на евроинтегративниот процес и за отстранување на можноста од нови билатерални и идентитетски условувања.

„Додека сум претседател на Владата нема да поддржам уставни измени без јасен крај на процесот и гаранции дека нема да се отвораат нови билатерални и идентитетски прашања. Само таков пакет може да добие моја поддршка“, истакна Мицкоски.

Тој оцени дека иницијативите на германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон за постепено интегрирање на земјите од Западен Балкан во европските политики претставуваат позитивен сигнал за регионот. Според него, тоа ќе овозможи Македонија почесто и поактивно да учествува во процесите на одлучување во Брисел, што е значително понапредна позиција во споредба со претходните години.

Мицкоски ја повика јавноста да не подлегнува на притисоци што би можеле да доведат до неизвесен исход и нови национални понижувања.

„Ова не е спринт, туку маратон. Потребна е издржливост и мудрост. Штетата што може да ја направи еден медиокритет понекогаш со години ја исправуваат многу способни луѓе“, рече премиерот.

Осврнувајќи се на Акцискиот план за малцинствата, тој информираше дека документот е целосно подготвен и усогласен со експертот за човекови права предложен од Брисел. Според него, 26 земји-членки на Европската Унија немале никакви забелешки на документот, додека само една држава доставила коментари.

На прашањето кои се конкретните забелешки, Мицкоски одговори дека не е запознаен со нивната содржина.

Поврзани вести