
Во периодот од јуни 2024 до јуни 2026 година беа потпишани договори во вредност од 25,3 милиони евра за реконструкција на локални патишта во општините, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски на заедничката прес-конференција со градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски и директорката на Светска банка за Македонија и Косово, Карол Межеван, пред почетокот на Работилницата посветена на изработка на Планови за одржлива урбана мобилност, што се одржа во ЗЕЛС.
Министерот посочи дека рехабилитирани се 96 улици во 72 општини, во вкупна должина од 72 километри, а во фаза на реконструкција се уште 31 километар патишта. Додаде дека тоа значи дека околу 103 километри патишта се рехабилитирани, целосно обновени, новоизградени или се во фаза на изградба, со поддршка од ЗЕЛС и на Светската банка.
Николоски ја најави и како што рече досега најголемата поддршка за одржување и подобрување на хигиенските услови во општините.
Се купуваат 49 возила од различен тип, кои треба да му помогнат на Град Скопје и на другите општини за подобрување на состојбата со хигиената. Се купуваат 17 мултифункционални возила за урбано одржување хигиена со вкупна вредност од 1,5 милион евра, 3 мултифункционални возила за урбано одржување хигиена со соодветни механизми со вредност од 283 илјади евра, 9 специјализирани камиони, кои се во вредност од 982 илјади евра, 21 машина за чистење улици во вредност од 1,3 милиона евра или вкупно, како што кажав, за 4,2 милиони евра се купуваат 49 возила со поддршка на Светската банка, што сериозно ќе помогне во подобрување на состојбата со хигиената“, рече Николоски.
Тојп осочи дека ова е најголем инвестициски циклус во општините и најави дека ваквите активности ќе продолжат и во следниот период.
Николоски додаде дека веќе разговараат со Светската банка за нови проекти насочени кон подобрување на условите во општините, како и за други иницијативи на кои ќе работат.

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека изминатите две години како локални самоуправи имаат силна поддршка од Владата, но и од СБ, истакна дека проектите се од различен карактер, инфраструктурни, како и проекти кои директно влијаат врз квалитетот на животот.
Една од најзначајните инвестиции во последните десетина можеби и 15 години е набавката на механизација за комунална хигиена за Град Скопје, како и за останатите општини во државата, особено во делот на одлагањето отпадот“, рече скопскиот градоначаник.
Нагласувајќи дека една од клучните теми на денешната работилница е урбаната мобилност и одржливиот транспорт – не само во Скопје, туку и во останатите градови и општини ширум Македонија, Ѓорѓиевски истакна дека за главниот град особено значаен е проектот БРТ, кој, како што рече, го откочиле, добиле поддршка од Владата и веќе се подготвуваат за започнување на прелиминарната фаза.
Градоначалникот додадедека овој проект суштински ќе влијае врз мобилноста во градот, под што подразбира брз проток на сообраќајот.
Тој најави дека во следните три до четири години треба да се изгради современа велосипедска инфраструктура.
Ѓорѓиевски истакна дека во сите проекти што ги реализираат, вклучително и проектот „Булевар Македонија“ (познат во јавноста како „Лимак“), како и во други проекти кои повеќе децении биле во една фаза на хибернација, посебен акцент ставаат на мобилноста, велосипедските патеки, пешачките зони и алтернативните начини на движење на граѓаните.
Во таа насока ќе продолжиме да инвестираме. Очекувам силна поддршка од Министерството за транспорт, со кое имаме одлична соработка, како и од Светската банка. Денес зборувам во име на сите општини. Убеден сум дека имаме многу заеднички проекти со кои сите ќе се гордееме и кои ќе бидат во интерес на граѓаните“, рече Ѓорѓиевски.

Директорка на СБ за Косово и Македонија Карол Межеван напомена дека урбаната мобилност е исклучително важна.
Македонија станува сè поурбанизирана држава. Околу 60 проценти од населението живее во градовите, а таму се концентрирани и сè поголем дел од економските активности. Затоа урбаната мобилност претставува сериозен предизвик. Ова не е само прашање на транспорт. Станува збор за тоа како луѓето се движат, како стигнуваат до работните места, здравствените установи и образовните институции, како им се овозможува пристап до можности и услуги“, посочи Межеван.
Таа рече дека предизвикот не е единствен само за земјава, со истиот проблем се соочуваат многу држави, а растечкиот број приватни возила предизвикува сообраќајни метежи и загадување.
Затоа одржливата урбана мобилност е клучен дел од развојната агенда. Горди сме што Светската банка во изминатите години ја поддржува оваа област и се надеваме дека ќе продолжиме и во иднина“, додаде Межеван.
Таа нагласи дека досега се направени значајни инвестиции во локалната инфраструктура, реконструкција на патишта, подобрување на безбедноста на пешаците, тротоарите и сообраќајната сигнализација, но додаде дека не станува збор само за инфраструктура, туку дека се потребни силни институции, квалитетни планови и добри политики.
Токму во тоа помага овој проект. Особено е важно што плановите за одржлива урбана мобилност се подготвуваат „оддолу нагоре“, преку слушање на потребите на граѓаните и нивно преточување во конкретни решенија за развој на градовите“, истакна Межеван, напоменувајќи дека ова е втор ваков настан.
Таа нагласи дека проектот наскоро завршува, а според информациите што ги добила сите 80 општини во земјава имале корист од него.

Македонски


