Skip to main content

Oд 1 август нов бран поскапувања на банкарските услуги

Граѓаните од 1 август ќе се соочат со нов бран поскапувања на банкарските услуги. Зголемувањето на провизиите веќе го најавија две од најголемите банки во земјава. Според анализите на „Слободен печат“, банките веќе имаат јавно достапни податоци за значително зголемување на дел од провизиите и надоместоците. На удар се најчесто користените услуги – плаќање сметки на шалтер, одржување платежни и девизни сметки, користење дигитално банкарство, меѓународни трансфери и станбени кредити. Новите тарифи се минимално зголемени за пет денари, а кај некои зголемувањето на цените на банкарските услуги е и над 30 отсто.

Најголемото поскапување е кај плаќањето режиски сметки во готово на шалтер, каде што провизијата се зголемува од 90 на 120 денари по трансакција. Ова ќе ги погоди повозрасните граѓани и пензионерите, кои и натаму ги плаќаат сметките на традиционален начин. За семејствата што месечно плаќаат повеќе сметки на шалтер, ова ќе значи дополнителни стотици денари трошок на годишно ниво.

Повисоки трошоци за пензионерите има и кај платежните сметки наменети за оваа категорија клиенти каде што месечниот надоместок ќе се зголеми од 20 на 25 денари за минималниот пакет, додека максималниот надоместок ќе порасне од 30 на 35 денари. Практично, пензионерите ќе плаќаат повеќе за одржување на своите сметки, иако станува збор за категорија граѓани со ограничени месечни приходи.

Зголемување има и кај девизните сметки. Месечниот надоместок за нивно одржување расте од 30 на 35 денари по валута. Ова ќе ги погоди сите што примаат средства од странство, работат со повеќе валути или користат девизни услуги за штедење и плаќања.

Дополнителен товар ќе почувствуваат и граѓаните што користат станбени кредити. За субвенционираните станбени кредити се воведува нова еднократна провизија од 1 процент од износот на кредитот за клиентите што примаат плата преку банката, односно 1,5 проценти за другите корисници. Надоместокот може да достигне и до 60.000 денари, што е меѓу највисоките нови трошоци предвидени со измените. За младите семејства што планираат купување дом, ова значи дополнително финансиско оптоварување уште на самиот почеток на кредитниот аранжман.

Поскапуваат и меѓународните трансфери. За девизни плаќања преку интернет и мобилно банкарство ќе се наплатува провизија до 0,4 проценти од износот на трансакцијата, а дополнително се воведуваат и фиксни трошоци за СВИФТ-трансакции. Нови надоместоци се предвидени и за СЕПА-плаќањата, што особено ќе ги почувствуваат граѓаните што редовно вршат плаќања кон земјите од Европската Унија.

Промени има и кај дигиталните услуги. Активирањето на одредени електронски сервиси ќе се наплатува еднократно, додека користењето на мобилното банкарство ќе носи нови месечни трошоци за клиентите во услови кога банките во последните години ги охрабруваат корисниците да преминат на дигитални канали.

Поскапуваат и одредени провизии за картичките. За премиум картичките се предвидени повисоки годишни членарини, а подигнувањето готовина од банкомати на други банки во земјата и во странство ќе се наплатува по повисоки стапки. Дополнително, воведени се и нови месечни надоместоци за дел од специјализираните платежни услуги.

Најпогодени од новите тарифници ќе бидат граѓаните што редовно плаќаат сметки на шалтер, пензионерите, корисниците на девизни сметки, лицата што вршат меѓународни трансфери и оние што аплицираат за станбени кредити. Иако дел од поединечните поскапувања изгледаат релативно мали, нивното кумулативно влијание може значително да ги зголеми месечните банкарски трошоци на домаќинствата.

На најавените зголемувања реагираше и гувернерот на Народната банка Трајко Славески, кој изјави дека централната банка е „непријатно изненадена“ од одлуката на дел од банките да ги зголемат провизиите токму во период кога институциите работат на поевтини и подостапни платежни услуги за граѓаните. Според него, ваквиот тренд не оди во насока на поттикнување на електронските плаќања и намалување на трошоците за корисниците.

Поврзани вести