Skip to main content

Регистрирани се 1.053 случаи на заболени од грип во период од 6 до 12 јануари, ИЈЗ вели најмногу се заразени лица на возраст од 15 до 64 години

За 3,2 пати е зголемен бројот на заболени од грип во периодот од 6 до 12 јануари во споредба со првата недела од јануари. Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека пријавени се 1.053 случаи на заболени од грип или на заболувања слични на грипот.

За првпат оваа сезона, пријавената инциденца е над неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, односно надминат е прагот на влез во сезоната на грип.

Во однос на возраста, 633 лица се на возраст од 15 до 64 години, 179 се деца на возраст од пет до 14 години, а 144 до четири години. Деведесет и седум се лица на возраст над 65 години.

Најголем е бројот на заболени во Скопје (305) по што следуваат Дебар со 134, Куманово со 118, Тетово и Гостивар по 66, Кавадарци со 62, а во останатите градови, бројот на заболени е помал или еднаков на педесет.

Се забележува зголемување на бројот на заболувања слични на грип, што е над неделната граница за сезонска активност за првпат оваа сезона. Резултатите добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенца покажуваат дека има регионална активност на вирусот на грип. Процентот на позитивност е над границата од 10 проценти за првпат оваа сезона. Согласно овие податоци, Република Македонија има среден интензитет на вирусот на грип, заклучуваат од ИЈЗ.

Оттаму потсетуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Заклучно со втората недела од годинава, вакцинирани се вкупно 72.318 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против грип.

Поврзани вести