
Овој петок во Македонскиот културен центар во Тирана ќе се прикаже специјална VR претстава „Ехо од длабочината“ посветена на Охридското езеро.
“Ехо од длабочината” е поетичен, интерактивен ВР перформанс кој ја истражува кревката убавина на Охридското Езеро и еколошките предизвици со кои се соочува. Овој перформанс составен од два дела, најпрвин ги носи гледачите на патување низ езерото преку виртуелна реалност, а потоа преку интеракција со актерите ги соочува со фактите за еколошките закани со кои се соочува овој екосистем. Перформансот завршува така што на секој гледач му се дава можност да испрати своја порака во врска со доживувањето.
Ко-продукцијат е на Eho Animato (Белград), LOOP (Атина) и Oyoun (Берлин), „Ехо од длабочината“ премиерно беше изведена во Берлин во мај 2025 година, спојувајќи технологија и активизам со цел да се преосмисли театарот како простор на еколошка и емоционална поврзаност во рамки на проектот PROSPER, кофинансиран од Европската Унија.
Режијата е на Нина Николиќ и Борјан Стојков, а претставата ја изведуваат Саша Ханџиќ и Благој Веселинов.
Настанот е дел од богатата и динамична програма на Македонскиот културен центар во Тирана, кој континуирано реализира бројни културни и уметнички настани со цел промоција на македонската култура, современата уметност и културното наследство пред меѓународната публика. Токму оваа претстава има особено значење, бидејќи преку современи уметнички форми го насочува вниманието кон Охридското Езеро — едно од највредните природни и културни богатства на Македонија и регионот, чија заштита претставува заедничка одговорност и важна порака до идните генерации.

Македонски


