Skip to main content

Во 2025 година најголем раст на болнички случаи има во две категории – катаракта и колкови, покажува извештајот на ФЗО

Фонд за здравствено осигурување

Аналитичкиот извештај за болничкото лекување 2023–2025 година на Фондот за здравствено осигурување на РСМ (ФЗОРСМ) покажува стабилен раст на бројот на пациенти, зголемени буџети и постепено зајакнување на капацитетите на здравствениот систем, истакнаа на денешната прес-конференција директорот на ФЗОРСМ Сашо Клековски и заменик-директорот Седат Бислими.

Според податоците, во 2025 година биле лекувани 194.230 пациенти, што е зголемување од 5,1 отсто во однос на 2023 година. Во истиот период, вкупниот болнички буџет пораснал за 24 отсто, достигнувајќи 32,5 милијарди денари.

Просечното болничко лекување траело малку под 5 дена, го чинело здравствениот систем околу 32 милијарди денари, а просечната сложеност на интервенциите изнесувала 1,55 – рече Клековски.

Најголем раст на болнички случаи има во две категории: очни болести и болести на мускулно-скелетниот систем, со раст од околу 20 проценти. Тоа, рече, се должи на обидите да се намалат листите на чекање за операции на катаракта, како и за планирани операции на колкови и слично.

Од друга страна, посочи Клековски, има пад од 3 проценти кај хоспитализациите за циркулаторни, односно кардиоваскуларни болести. Треба дополнително да се анализира дали станува збор за тренд на намалување на овие заболувања, што, рече, би било позитивен сигнал.
Забележан е и пад од 7,5 проценти кај хоспитализациите поврзани со бременост и породување, што, потенцира, повторно е одраз на демографските промени.

Во однос на сложеноста на болничките случаи, хируршките интервенции генерално се издвојуваат по својата комплексност и тие се споредливи со земјите со среден европски развој. Она што можам да го истакнам е дека имаме напредок во 9 од 12 општи болници, што е за поздравување. Од клиничките болници, најголема сложеност покажува Клиничката болница Штип, а најголем напредок има Клиничката болница Битола. Морам да ја издвојам и ГОБ „8 Септември“, која иако формално е општа болница, со индекс на сложеност близу 2 има ниво споредливо со клиничките центри и нуди значително посложени интервенции, рече Клековски.

Според Извештајот, бројот на болнички случаи расте стабилно — од 184.829 во 2023 година на 194.230 во 2025 година (+5,1 проценти), со пораст кај речиси сите типови здравствени установи, освен кај клиничките болници. Болестите на очите бележат +21,9 проценти повеќе хоспитализации, а заболувањата на мускулоскелеталниот систем +28,9 проценти, што укажува на надоместување на одложените ортопедски интервенции по пандемијата. Хоспитализациите поради кардиоваскуларни заболувања бележат пад од 26.651 на 25.876 случаи (–2,9 проценти) — позитивен сигнал кој укажува на можни подобрувања, рече Клековски.

Договорните буџети со ЈЗУ бележат раст од 24 отсто за две години милијарди денари, при што најголем апсолутен пораст има кај универзитетските клиники (+33 отсто).

Анализата по установа открива јасна структура во однос на комплексноста на третманите. Тоа е изразено преку Индексот на комплексност на случаи Case Mix Index — ЦМИ, односно просечната релативна тежина на сите DRG Diagnosis Related Groups случаи во една здравствена установа за одреден период.

На врвот се кардиохируршките болници: ПЗУ „Систина“ — CMI 18,4 и ПЗУ „Филип Втори“ — CMI 15,4, по што следуваат: УК за Хематологија — CMI 9,8, УК за Државна кардиохирургија — CMI 9,1. Кај општите болници, ГОБ „8 Септември“ со CMI 1,95 се издвојува како единствена општа болница со вредност на ниво на клиника и практично функционира како референтен центар за Скопје.Меѓу регионалните болници, Клиничката болница Штип предничи со CMI 1,31, додека Клиничката болница Битола бележи најголем пораст во 2025 година (+0,09).

Според ФЗО, особено значајно е што 9 од 12 општи болници го подобриле својот CMI во 2025 година во споредба со 2024 година. ОБ Куманово има најголем раст (+0,091), а ОБ Струмица за првпат го надминува прагот од CMI 1,0.

Ова укажува дека регионалните болници постепено преземаат посложени случаи, што претставува позитивен сигнал за децентрализација на здравствената грижа и подобар пристап за граѓаните надвор од Скопје, велат од Фознот за здравствено осигурување.

Поврзани вести