Skip to main content

Емини: Ќе се подготвиме добро за дуелите со БиХ и Турција

ФФМ

Македонската фудбалска репрезентација денеска ги продолжува подготовките за двата контролни натпревари против Босна и Херцеговина и Турција на гостински терен.

Составот предводен од новиот селектор Гоце Седлоски на вечерашниот тренинг од 19:00 часот ќе биде во комплетиран со приклучувањето на Елиф Елмас и Агон Елези.

Репрезентативецот од редовите на дански Сондерјиске, Сефер Емини, истакна дека двата натпревари против селекции кои изборија пласман на Светското првенство ќе послужат како добра подготовка за новата сезона во Лигата на нации во која македонската репрезентација прв пат ќе настапи во Б дивизијата.

„Сите сега одат на одмор, а ние сме тука со репрезентацијата и максимално ќе се подготвиме за овие два натпревари. Има многу нови играчи, јас сум еден од нив и сè уште немам деби. Ќе се подготвиме добро. И Босна и Турција ќе играат на Светско првенство, затоа мора многу сериозно да ги сфатиме двата натпревари. Тоа ќе ни биде добра подготовка за периодот што следува. Технички и тактички треба да бидеме дисциплинирани и физички на терен да го исполниме тоа што ќе го бара стручниот штаб. Верувам дека сè ќе биде во ред“, изјави Емини.

Македонската репрезентација в петок ѝ гостува на Босна и Херцеговина во Сараево, по што избраниците на Седлоски на 1 јуни ги очекува дуелот против Турција во Истанбул.

Поврзани вести