Skip to main content

Јаневска на Светски образовен форум во Лондон: со поставување реални цели и политики базирани на факти се трудиме да го забрзаме развојот на образованието

Фото: МОН

Нема формула за брза транзиција на еден образовен систем од фаза на ран развој кон извонредност. Потребно е време и голема посветеност кон остварување на претходно поставени реални цели и јасно дефинирани политики што ќе се базираат на факти. Македонската влада го прави токму тоа – образовните политики ги темели на спроведени анализи и преку мерливи критериуми ја утврдува ефикасноста.

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на панел дискусија посветена на креирање политики базирани на факти, во рамки на Светскиот образовен форум во Лондон, што по 24 пат го организираат Министерството за образование на Обединетото Кралство, Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и развој, Министерството за бизнис и трговија и Британскиот совет.

-Во денешно време располагаме со голем број податоци и важно е тие да се анализираат и врз основа на тоа да се креираат политиките. Технологијата, особено вештачката интелигенција ни помага во собирањето и обработката, но сепак во процесот најважен е човечкиот фактор и не може да биде заменет, рече Јаневска.

Посочи примери дека за институциите во Македонија јасен показател за промени се резултатите на учениците на меѓународните тестирања како ПИСА и ТИММС, детализираните податоци од шангајската ранг листа на универзитети, анализите и истражувањата на организации како УНИЦЕФ, ОЕЦД и Светска Банка, како и дека исклучително релевантно во креирањето политики е и измереното мислење на наставниците, стручните служби, родителите и учениците. Како што рече, сите тие треба да ги знаат резултатите од анализите и причините за промени и да учествуваат во менување на состојбите.

Освен Јаневска, на панел дискусијата се обратија и Алфа Бакар Бери – министер за стручно образование, обука и вработување на Гвинеја, Андреас Шлајхер – директор за образование и вештини во ОЕЦД и Берџ Акијан – извршен директор на организацијата Клас Линк. Говорниците се согласија дека иако институциите во многу земји немаат законска обврска да собираат и користат докази при креирањето на политики, сепак тоа обезбедува легитимитет на процесот.    

Светскиот образовен форум е најголемиот глобален собир на министри за образование и вештини. Годинава, темата на форумот е „Образование за заедничка иднина: Мир, планета, цел и патеки“. Како што наведуваат организаторите – во време на глобална неизвесност и ескалација на геополитичките тензии, зголемување на нееднаквостите, интензивирање на климатските кризи и брзи технолошки промени, образованието е клучна сила и извор на отпорност, иновации и социјална кохезија. Единствено преку вложување во знаењата, вештините и вредностите на младите, може да се изградат општества ориентирани кон мир, праведност и одржлив развој.

Поврзани вести