
Традиционален пчеларник стар 70 години, во кој пчеларското знаење се предавало низ пет генерации по ред, денес го пренесува искуството од здравствените придобивки на севкупното работење на пчелите, кое е презентирано во работата на апи-терапискиот центар “Ристо Алчинов”. Овој центар лоциран на патот кон селото Мрзенци во Гевгелија, кој функционира четири години, беше дел од годинешното одбележување на Светскиот ден на пчелата организиран во оваа општина од Пчеларската федерација на Македонија, Амбасадата на Словенија, АДРА-Македонија и во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Според претседателот на Пчеларската федерација на Македонија, Игор Илков, токму на природните предели на планината Кожуф е детерминирана најчистата генетика на Аpis millifera Macedonica или македонска медоносна пчела, како автохтон вид.
-Во Гевгелија од страна на професорот Александар Узунов од 2009 до 2014 година се вршени истражувања и токму на колонии во овој пчеларник е евидентирана најчистата генетика на македонска медоносна пчела. Затоа се решивме да го посетиме пчеларникот Алчинов и апи – комората која е тука и функционира со обучени луѓе во странство за спроведување на апи-терапија со инхалација – посочи Илков.
Инспиративното искуство на Кристијан Алчинов, професионален пчелар и апи-терапевт, кој ја наследил работата од своето семејство, сведочи како семејната традиција за пчеларење може да опстои со генерации. Во историјата на пчеларникот Алчинов стојат пет генерации на семејството кое корените ги има во селото Конско, на планината Кожуф.
Ова е 70 години стар пчеларник, од нашиот прадедо Трајко, кој почнал да одгледува пчели на падините на Кожуф. Самата клима која ја има Гевгелија и околината, медитеранска и континентална, прави еден преубав спој и капацитет за самото пчеларење овде, особено што имаме голема концентрација од чистиот генетски вид на македонска медоносна пчела токму во нашиот регион. Така, покрај редовното пчеларско производство се одлучивме во 2022 година да ја отворивме апи – комората. Овде го зачувуваме традиционалниот начин на пчеларење, проследен со сите пчелни производи и истовремено ја промовираме Гевгелија и нашиот природен бисер – Кожуф – истакнува Кристијан.

Во апи-терапијата како дел од алтернативната медицина, меѓу другото, се користат придобивките од апитоксинот, односно пчелниот отров. Кај оваа терапија, вели Алчинов, клучно е знаењето на професионален пчелар кој во суштина ги познава пчелите на највисоко ниво, но го познава и човековото тело и знае каква симбиоза да направи и како овој метод најдобро да го исползува за здравјето на човекот.
Во текот на работењето во апи – терапискиот центар, вели тој, успешно се лекуваат белодробни заболувања, автоимуни болести, како и кардиоваскуларни состојби.
Неколку состојби како астма, бронхит, бронхопневмонија и воспалителни процеси на крајници и синуси секојдневно ги решаваме со апи-терапијата и вдишувањето на пчелниот отров. Од друга страна, како кулминација на пчелната терапија, во четвртата сезона што веќе ја работиме, имаме успешни примери кај ситно-клеточен и крупно – клеточен канцер на бели дробови и создавање бактерии. Тоа е едно чудо и за самата медицина, кога ќе погледнеме што се се постигнува со помош на пчелниот воздух кој всушност ги обединува испарувањата на сите производи што ги дава пчелното семејство како медот, прополисот, поленот, матичен млеч и со застапеност на 0,03 проценти пчелин отров. Сите тие испарувања со еден збор наречени аеросоли кои се збогатени со флавоноиди, односно растителни масти, го прават тој холистички пристап којшто ние го имаме, а чија суштина е, не да затскриваме симптоми, туку од корен да го решиме проблемот што го има човекот, посочува Алчинов.
Тој објаснува дека во третманот на карцином на белите дробови со примена на апи – терапијата всушност се дополнува лекувањето.
Генерално, според поделбата на ситноклеточен и неситноклеточен карцином на белите дробови, кај неситноклеточниот, под кој спаѓаат крупноклеточен, сквамозен и аденокарциномот, во реални услови е тешко да се направи построг пресек до каде и во кои размери апи-инхалацијата го суплементирала лекувањето на ваквиот тип канцер. Ова важи дури и во случаи кога е применета апи-терапијата во целост, т.е. во комплементарен метод со убоди од пчели и орална консумација на пчелни производи, вели апи-терапевтот.
Но и покрај тоа, тој додава дека апи – терапијата дава позитивни резултати кај онколошките случаи во пост-третмантските испитувања.
Од друга страна, по примерите кај ситноклеточниот канцер, кој во принцип е агресивен, брзоделувачки и со голем потенцијал за метастазирање, во паралелна имплементација со онколошките терапии и вообичаени пракси, пчелниот воздух, составен од аеросоли, збогатени со флавоноиди, го регенерира периферното ткиво, почнувајќи од трахијалната карина преку двете белодробни крила, создава плодни услови за имунолошкиот одговор на организмот за борба со одредениот тип канцерни клетки, на клеточно ниво, со што создава вид на Н-капсулација на самите канцерни клетки, дисбаланс во нивната физиолошка комуникација и митоза. Во дузината случаи, пост-третмантските испитувања, покажаа значително намалување на канцерните единки, до целосно “чистење”, што сепак не ја исклучува можноста за метастазирање кон другите ткива и органи во организмот. Одредени универзитетски студии, го потенцираат прополисот, како природен антибиотик и мелитинот, состојка на пчелниот отров, како најзаслужни за позитивниот одговор на апи-инхалацијата во онколошките случаи. Апи-терапијата, како дел од алтернативната медицина, а и ние, апи-терапевтите и пулмонаутите, секогаш ја имаме тенденцијата да применуваме холистички пристап кон болестите и состојбите на човековиот организам, како и тоа да биде суплементација во лекувањето, но и превенција од потенцијалните ризик фактори, додава Алчинов.
Во терапиите кај пациентите во апи-центарот велат дека обично користат инхалација на пчелин воздух во траење од 45 минути, која ја комбинираат со 15 минути директно вдишување прополис.
Се прави инхалација со специјализирана маска, каде инхалаторот го влече пчелниот воздух и го носи во маската, имаме и посебен вентил, кој не го враќа воздухот што го издишуваме во пчелната кошница. Се дише на нос, се издишува на уста. Бидејќи се такви ситни честички, преку бронхиите до алвеолите го опфаќаат секое делче од белодробните крила и по пат на дифузија преминуваат директно во крвотокот. Значи паралелно покрај тоа што иницираме регенерација на сите клетки до елементарна клетка, ќе го зајакнеме срцевиот мускул и ќе го стимулираме имунитетот да се бори и да создава антитела, објаснуваат од терапискиот центар.

Колку денови ќе трае терапијата се одлучува во зависност од самиот организам, возраста, состојбата на лицето кое побарало вакво лекување. Во апи – терапија е вклучено лекување и суплементација на лекувањето со сите пчелни производи, со апи – инхалација во која се вдишува пчелин отров, апи – убоди кои се убоди од пчели на разни точки зависно од тоа дали се работи за реума, артрит или нешто друго и секојдневна конзумација на пчелните производи.
Од центарот објаснуваат дека податокот дали пациентот е алергичен на убодот од пчела, го бараат пред почетокот на лекувањето, а доколку досега немал такво искуство го проверуваат директно со убод со тоа што еден час пациентот останува под мониторинг.
-Сме поминале преку 450 пациенти во овие четири години колку што функционира апи – центарот и не сме имале ниту еден случај на алергија на пчелин убод. Слободно можеме да кажеме дека терапијата нема никакви нус ефекти, односно може до крајот на животот да се инхалираме со пчелниот воздух, или да прскаме прополис секој ден додека сме живи, вели Алчинов.
Тој раскажува дека најмалиот пациент кој го имале бил со само 13 месеци и дошол со сериозна дијагноза предизвикана од интрахоспитална бактерија, развиена во белодробните крила, без ефект од антибиотската терапија.
-Со апи – инхалација преку вдишување на пчелин воздух кај 13 месечно дете од Англија ја лекувавме pseudomonas aeruginosa, интер хоспитална бактерија. Детето кога дојде беше на шест видови антибиотици истовремено, со бактерија за која медицината вели дека е прашање на време кога ќе го умртви организмот. Семејството доаѓаше овде и остануваа на терапија по седум дена. Во меѓувреме, нивните матични лекари ја третирале бактеријата во лабораториски услови со чист прополис. Целата терапија кај нас траеше две години. Детето го излекувавме со самиот прополис којшто го има во пчелиниот восок, и тоа што не можеле шест антибиотици и континуирана медицинска помош да го направат тоа го направи пчелата, раскажува Кристијан.
Корисноста на медот и сите пчелни производи, тој ги потенцира и кај случаите на лица со дијабетес, како што е во случајот и кај него.
-Лично од мои 15 години сум дијабетичар од тип 1, со инсулинска терапија. Никогаш при консумација на чист мед директно дојден од пчелата и на чисто квалитетно црвено вино јас не сум имал зголемување на шеќерот во крвта, при мерење пред и по консумирање на овие производи. Со секој вид мед со каква било примеса резултатот е друг, што значи зборуваме за исклучиво чист мед, без оглед дали е шумски, ливадски итн. Од мој личен пример можам да кажам дека за оваа состојба најефикасно е да користиме костенов или дабов мед, додава Алчинов.
Минатата година апи – терапискиот центар “Ристо Алчинов” заедно со партнери ја проширил дејноста со уште една апи – комора во Охрид, како и во Скопје, а во план е да се воведат и масажи со мед, терапии со вибрации на стапала и сауни, додека во делот на туризмот велат дека чекаат на развојот на ски – центарот Кожуф каде што во склоп на комплексот имаат идеја да направат мал апи – тераписки центар.
Паралелно со тоа, младиот пчелар од Гевгелија заедно со Пчеларската федерација на Македонија апелираат и укажуваат на нивното долгогодишно барање за посебен Закон за пчеларство, наместо регулирање на оваа област како досега во рамките на Законот за сточарство.
-Навистина ни е потребен посебен Закон за пчеларство, којшто ќе ги дефинира строго и конкретно активностите и поставеноста на пчеларството. Доволно е само да се истакне дека пчеларството бара многу поразличен пристап од другите гранки во сточарството. Тоа е многу почувствителен дел и е под големо ризично влијание на сите други гранки, а тука се мисли на вклучувањето пестициди, инсектициди и се што се применува во земјоделието како и самата специфичност на пчелата, бидејќи неа не можеме да ја споредиме со ниту едно животно. Во меѓувреме апи – терапијата заслужува посебен акцент во алтернативната медицина, посочи Алчинов.
Овој предлог, во рамки на одбележување на Светскиот ден на пчелата во Гевгелија доби поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а ресорниот министер Цветан Трипуновски истакна дека во периодот што претстои потребно е формирање група на луѓе што ќе ја застапуваат апи – терапијата, за истата да се регулира во соработка со сите релевантните институции, во форма на официјален документ, односно студија за позитивни примери на апи -терапијата врз човекот.
Извор: МИА

Македонски

