
Денеска, во 20.15 часот, ќе биде прикажана финалната епизода од првата сезона на „Буквождер“, новата анимирана серија инспирирана од култниот свет на „Бушава азбука“.
„Буквождер“ е анимирана серија за деца, инспирирана од светот на „Бушава азбука“. Серијата ја слави магијата на јазикот, моќта на пријателството, почитувањето на културното наследство и силата на различностите. Преку авантурите на Дарија, Марко, Филип и Ѕе, „Буквождер“ ги доближува македонската кирилица, зборовите и приказните до новите генерации гледачи.
Една од најважните македонски едукативно-забавни приказни „Бушава азбука“, со „Буквождер“ доби современо продолжение за новите генерации на деца. Серијата ги следи Дарија, Марко, Филип и нивниот верен бувчето Ѕе во авантура низ свет во кој буквите исчезнуваат, а децата се тие што треба да ги вратат зборовите, јазикот, фантазијата и радоста на комуникацијата.
Финалето на првата сезона ја заокружува големата потрага по буквите и ја носи приказната до момент во кој хероите се соочуваат со најважното прашање: Што значат буквите кога зад нив стојат пријателството, храброста, различноста и љубовта кон јазикот?
„Буквождер“ е можност да се вратиме во еден свет што сите го паметиме, но без да го повторуваме. Сакавме да создадеме нова приказна што ќе им припаѓа на денешните деца со нивниот ритам, нивниот хумор и нивната чувствителност. Финалето ја носи токму таа емоција, дека буквите не се само знаци, туку начин да се разбереме, да се поврземе и да раскажуваме. Во средина во која, за жал, сè уште не се вложува доволно во квалитетна содржина за деца, „Буквождер“ беше проект направен со огромен труд, инает и љубов. Затоа сум особено горд што успеавме да ја реализираме првата сезона и се надевам дека ова е само почеток на уште многу години „бушави“ приказни,“ изјави Георги М. Унковски, режисер на „Буквождер“.
Продукцијата на „Буквождер“ беше развиена како дел од пошироката визија за создавање нов „Бушав универзум“, простор во кој македонската кирилица, детската фантазија, културното наследство и современата продукција се среќаваат во содржина што зборува и на децата и на родителите.
„Буквождер“ за нас беше природен чекор, да ја искористиме нашата сила во раскажување приказни и да ја пренесеме во светот на децата, јазикот, буквите и имагинацијата. Од самиот почеток ни беше важно ова да не биде само носталгија. „Бушава азбука“ е огромно културно наследство, но „Буквождер“ треба да стане нова приказна за нови генерации. Со финалето на првата сезона, чувствуваме дека направивме важен прв чекор во таа насока,“ изјави Мите Кузевски, продуцент и коосновач на Види Вака Раскажувачко Студио.

Македонски

