Skip to main content

Вардар е нов фудбалски шампион на Македонија – 12 титула за „црвено-црните“

Вардар е новиот шампион на Македонија! „Црвено-црните“ славеа на гостувањето кај Струга Трим Лум со минимални 0-1 со што и официјално дојдоа до 12. титула во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). Пред натпреварот на најтрофејниот македонски клуб му требаше само еден бод за и дефинитивно да го потврди шампионскиот пехар, но избраниците на Гоце Седлоски си заминуваат со три.

Уште во петтата минута Вардар дојде до посакуваното водство. Нафрлена топка кон Цветковиќ, Рочи имаше недоразбирање со голманот, играчот на Струга ТЛ се обиде да загради мислејќи дека Ангелети ќе ја прибере топката, а тоа го искористи Цветковиќ кој од прва го совлада Ангелети и донесе предност за Вардар.

Вардар имаше шанса и за дуплирање на водството, но Ангелети на двапати ги одбрани ударите на Закариќ, и не дозволи два гола негатива за Струга ТЛ.

Во вториот дел се играше помирно. Вардар се обиде да ги неутрализира нападите на Струга ТЛ. Најголемата шанса ја имаше Малески во 70. минута, кога по ударот на Фал одби Талески до осамениот Малески, кој од непосредна близина шутираше млако, па повторно одбрани Талески и не дозволи домашните да се радуваат. Малески имаше уште една шанса, меѓутоа одново вардаровиот голман одбрани.

Последната шанса на мечот ја имаше повторно Малески кој со глава се обиде, но само над голот со што Струга ТЛ не успеа да стигне до израмнување.

Така Вардар го приведе натпреварот на крај со „чиста мрежа“ и победа која донесе големо славје во редовите на „црвено-црните“ кои после шест години ја вратија шампионската титула во ПМФЛ.

Поврзани вести