
На 11 мај 2026 година во Музејот на современата уметност во Скопје се одржа изложба на дела на четири тимови средношколци, создадени во рамките на проектот „Современици во историјата на уметноста: младински перспективи на уметноста и општеството“. Проектот беше раководен од кустосот-водич Бојана Јанева, во соработка со проф. Илина Јакимовска од Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ.
Во проектот учествуваа ученици од гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје, под менторство на професорката Ангелина Дамјаноска-Наумоска, и од „Американ хај скул Скопје“, под менторство на Дита Старова Ќерими.
Изложбата беше завршница на речиси двомесечен процес, во кој учениците поминаа низ неколку фази: посета на изложбата „Истокот е сè уште можен“, избор на дело на кое ќе одговорат со свое авторско дело, истражување, изработка и финално поставување во музејски простор.
Иако темите во делата на современите уметници беа комплексни — од историјата на регионот, преку социјална неправда, до војни и насилство — учениците покажаа висока свест за улогата на уметноста како простор за размислување, критика и општествен коментар.
Нивните дела покажаа дека младите можат активно да ги читаат и толкуваат и локалните и глобалните прашања, но и да одговорат на нив со сопствен визуелен јазик и став.
Проектот истовремено им овозможи на средношколците да го доживеат музејот како динамична, отворена и креативна средина, во која младите не се само посетители, туку и активни учесници во создавањето културна содржина.
„Современици во историјата на уметноста: младински перспективи на уметноста и општеството“ е дел од Програмата за музејска едукација за 2026 година, поддржана од Министерството за култура.

Македонски


