
Министерството за култура и туризам информира дека се исплатени средствата наменети за самостојните уметници за 2026 година дека во текот на утрешниот ден ќе бидат достапни на нивните сметки.
Доцнењето настана поради дополнителни усогласувања и проверки во постапката на пресметка и координација со надлежните институции, со цел исплатата да биде реализирана во согласнот со важечките законски и финансиски прописи.
Министерството за култура и туризам останува посветено на навремено и континуирано исполнување на обврските кон самостојните уметници, како и на унапредување на системските решенија за надминување на вакви ситуации во иднина, стои во писменото соопштение од Министерството за култура.
Самостојните уметници претходно информираат за 5 месечно доцнење на исплатите за придонеси.
Со голема загриженост и со надеж за ваша медиумска поддршка, ви се обраќаме во врска со сериозниот и долгогодишен проблем со доцнењето на исплатите за придонеси за самостојните уметници во Македонија.
Во прилог ви го испраќаме нашето отворено писмо упатено до Министерството за култура и туризам и министерот Зоран Љутков, а поврзано со повеќемесечното доцнење на исплатите за 2026 година – проблем што, за жал, континуирано се повторува изминативе години.
Иако секоја година покажуваме трпение и разбирање, состојбата веќе станува неодржлива. Самостојните уметници повторно се доведени во ситуација сами да ги покриваат придонесите за да избегнат долгови, камати и прекин на здравственото осигурување.
Дополнително, секој од нас добива различни информации во врска со роковите за исплата на средствата, додека во меѓувреме се соочуваме со опомени, блокирани сметки (за што подоцна не добиваме обештетување) и неизвесност.
Имено, Конкурсот за доделување на месечни надоместоци за самостојни уметници, се распишува во Ноември, уредно се пријавуваме во рок , резултатите од непознати причини ги добиваме на крајот на месец Март (кога веќе се пристигнати првите опомени од УЈП за месец јануари и февруари), а пак првата исплата сè уште е неизвесна а веќе е месец Мај.
Самостојните уметници се приморани авансно да ги плаќаат трошоците кон УЈП – секоја година.
Денеска тие повторно писмено се обратија до медиумите велејќи дека од Министерството за култура добиле само делумен одговор.
Овој одговор го сметаме за обид за смирување на реакциите во јавноста преку информацијата дека средствата конечно ќе бидат исплатени. Сепак, истиот одговара само на едно од прашањата што беа поставени во нашето обраќање и не нуди конкретен одговор, образложение или преземање одговорност за настанатата ситуација.
Потсетуваме дека самостојните уметници со години наназад се соочуваат со истиот стрес, неизвесност и институционална негрижа. Станува збор за повеќе од 200 интелектуалци и професионалци од областа на културата, кои веќе пет месеци добиваат делумни, нејасни и одложени одговори за прашање кое директно влијае врз нивната егзистенција, здравствено осигурување и професионално функционирање.
Со вакви реакции и ваков начин на комуникација, единствено што можеме да очекуваме е истото или уште полошо сценарио да се повтори и следната година. Токму затоа, нашата реакција не е насочена само кон решавање на актуелниот проблем, туку кон прекин на овие долгогодишни пракси и создавање услови самостојните уметници достоинствено да создаваат и придонесуваат во сопствената држава.
Потсетуваме дека побаравме:
• Итна информација за причините за доцнењето на исплатата;
• Итна исплата на средствата;
• Усогласување на пресметките со официјално објавените основици од УЈП и Државниот завод за статистика за тековната година;
• Координација помеѓу Министерството за култура и туризам, Министерството за финансии и УЈП со цел трајно решавање на овој проблем;
• Да се прекине практиката самостојните уметници да ги кредитираат институциите преку авансно плаќање на придонеси од сопствен џеб.Сакаме повторно да нагласиме дека ова право не претставува „помош“, туку законски предвиден механизам за социјална и професионална заштита на самостојните уметници, кои и онака функционираат во нестабилни и несигурни услови.
Очекуваме целосен, транспарентен и писмен одговор на сите поставени прашања, како и конкретни системски решенија кои ќе спречат оваа состојба да продолжи да се повторува секоја година, стои во писмениот допис на самостојните уметници.

Македонски


