
За време на 54. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“, на сцената на Националната опера и балет ќе биде изведена операта „Тоска“ од Џакомо Пучини, реалистична опера во три чина. Изведбата е закажана за 16 мај, со почеток во 20.00 часот.
Делото, кое важи за ремек-дело и музичка драма во вистинска смисла на зборот, се карактеризира како „оперски трилер“ што се движи преку љубовта, страста, љубомората и политичките интриги. Монументално и брилијантно оркестрирано, тоа ја одржува драмската напнатост и силниот музички израз уште од својата премиера до денес. И по повеќе од еден век, „Тоска“ останува едно од најизведуваните оперски дела каде личната судбина се судира со моќта и трагедијата.
Режисер на оваа драматична трагедија е Огњан Драганов од Бугарија, а со изведбата ќе диригира Марчин Наленч-Њесјоловски, гостин од Полска. За сценографијата е задолжен Зоран Николовски, а за костимографијата Марија Пупучевска. Хор-мајстори се Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор Верица Ламбевска.
Во насловната улога на Флорија Тоска ќе настапи Марија Јелиќ од Србија. Во останатите главни улоги ќе настапат: Милен Бошков од Бугарија како Каварадоси, и Иван Инверарди од Италија како Скарпија. Покрај хорот и оркестарот на Националната опера и балет, на сцената ќе бидат и: Владимир Саздовски, Драган Ампов, Марјан Николовски, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, како и Десанка Глигоријевиќ.
Либретото за оваа опера е дело на Луиџи Илика и Џузепе Џакоза, кои за инспирација ја користеле истоимената драма на Викториен Сарду.

Македонски



