Skip to main content

Институтот за македонска литература ја организира Меѓународната конференција „Траума во литературата“ на 13 и 14 мај во „Јуроп хаус“

„Траума во литературата“ е насловот на Меѓународната конференција што ќе се одржи на 13 и 14 мај во „Јуроп хаус“- Скопје. Конференцијата е дел од научно-истражувачки проект на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, поддржан од Министерството за образование и наука.

Конференцијата ќе се отвори на 13 мај во 9:30 часот со поздравни обраќања на д-р Наташа Аврамовска, директорка на Институтот за македонска литература, д-р Ана Мартиноска, раководителка на проектот и Весна Јаневска, министерка за образование и наука.

Траумата денес се смета за водечки концепт и фундаментална карактеристика на културата во целина. Како комплексен психолошки феномен што се проучува низ различни научни дисциплини, траумата сè повеќе добива истражувачки интерес и во полето на книжевните и културолошките студии.

Оваа година, кога Институтот за македонска литература одбележува 45 години постоење, вкупно 28 истражувачи од земјава и странство имаат можност заедно да работат на значаен научно-истражувачки проект „Траумата во литературата“ под раководство на проф. д-р Ана Мартиноска. Истражувањата опфаќаат широк спектар на теми: миграции, егзил, воени конфликти, природни катастрофи, климатски промени, транзициски процеси, насилство, телесни тортури, ментални нарушувања, трансгенерациски трауми, табуа и други, велат од Организациониот одбор на проектот.

Научните трудови што ќе бидат презентирани во текот на двата конференциски дена (13 и 14 мај) ќе понудат толкувања на репрезентацијата на личната, колективата и културната траума во различни развојни етапи на македонската книжевност — од средниот век, преку народната литература и XIX век, сѐ до современата книжевна продукција. До крајот на годината се очекува да биде објавен и Зборник на трудови, како финален резултат од научно-истражувачкиот проект „Траумата во литературата“.

Поврзани вести