Skip to main content

Александар Николоски: Во полн ек се работи на Коридор 8, се градат мостови и автопатски делници на западниот дел од трасата

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски информираше дека градежните работи на инфраструктурните проекти на Коридор 8 се одвиваат со потребната динамика и дека сите предизвици се надминуваат преку добра координација меѓу институциите и изведувачите.

Заедно со премиерот Христијан Мицкоски и директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски, Николоски извршил увид во инфраструктурните проекти што се реализираат на западниот дел од Коридор 8.

„Во полн ек се работи на делниците Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани. Интензивно се градат мостови, се пробива автопатот, се градат косини, со еден збор се прават исклучителни инженерски работи“, напиша Николоски.

Тој посочи дека Владата прави сè за да им овозможи на компаниите-изведувачи што побрзо да ги завршат проектите, со цел граѓаните што поскоро да ги користат новите автопатски делници.

Според Николоски, реализацијата на капиталните инфраструктурни инвестиции има значајно влијание и врз економијата и растот на БДП.

„Горд сум што во третиот квартал минатата година растот во градежништвото беше 21 проценти, а во четвртиот квартал 16,7 проценти. Очекуваме добри резултати и за првиот квартал од оваа година, но и трендот да продолжи во следниот период“, истакна тој.

„Ја градиме Македонија“, порача Николоски во објавата.

Поврзани вести