
Судијката Жаклина Доведен не донела одлука самата да се изземе од предметот во случајот со петгодишното дете и мајката Невена Спасеска, туку барањето поднесено од правниот тим на мајката го препратила на одлучување до Врховниот суд, објави А1он, повикувајќи се на потврда од Апелациониот суд во Битола.
Барањето за изземање доаѓа откако таткото поднесе жалба на новата пресуда на Основниот суд во Охрид, со која во повторената постапка детето беше доверено на мајката Невена Спасеска. Со жалбата, предметот повторно треба да се разгледува во Апелациониот суд во Битола, каде како претседател на судот постапува Жаклина Доведен, чија претходна одлука во истиот предмет минатата година беше укината од Врховниот суд.
Правниот тим на мајката бара изземање на Доведен поради сомнеж за нарушена објективност и пристрасност. Во барањето се посочува на одлуката на Судскиот совет дека Жаклина Доведен постапила незаконски кога извршила промена на член во Судечкиот совет еден ден пред донесувањето на пресудата, при што вклучила кривичен судија кој немал време ниту да го проучи предметот.
Дополнителен аргумент на одбраната е и тоа што Доведен не дозволувала увид во предметот на адвокатите на мајката, а Судскиот совет подоцна оцени дека за тоа немало никаква законска пречка и дека увидот бил нивно законско право.
Според правниот тим на мајката, сите овие околности создаваат основан сомнеж дека Доведен не може повторно непристрасно да одлучува во истиот случај.
Сега Врховниот суд ќе треба да оцени дали овие околности се доволна причина претседателката на Апелациониот суд во Битола, Жаклина Доведен, да биде изземена од понатамошното постапување во еден од најследените семејни судски случаи во јавноста.
Целиот текст на А1он

Македонски



