
Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) го одбележува 10 Мај – Светскиот ден на лупус, со цел подигнување на свеста за ова комплексно автоимуно заболување кое најчесто ги погодува жените во нивните најпродуктивни години. Годинава, овој значаен ден се совпаѓа со одбележувањето на Неделата на женското здравје, ставајќи посебен акцент на една од најчувствителните теми – интеракцијата помеѓу лупус и бременоста.
Токму во насока на едукација и поддршка на жените, во рамките на Неделата на женското здравје, д-р Ирена Тодоровска ќе одржи стручно предавање на тема „Автоимуни заболувања и бременост“. Преку ова предавање ќе бидат образложени клучните аспекти на внимателното менаџирање на бременоста кај пациентките со лупус и антифосфолипиден синдром, со цел да се осигура здравјето на мајката и новороденчето.
Лупус не смее да биде пречка за остварување на желбата за мајчинство, но бара исклучително висок степен на свесност, планирање и медицинска поддршка. Статистиките покажуваат дека бременостите кај жени со автоимуни заболувања се во пораст, што ја наметнува потребата од гласно зборување за ризиците, но и за можностите и решенијата, вели проф. д-р Глигор Тофоски, претседател на МАГО.
Планирањето е клуч на успехот смета д-р Тофоски.
Најголемиот ризик кај пациентките со лупус доаѓа кога бременоста е непланирана. Стручната јавност укажува дека зачнувањето треба да се случи во фаза на ремисија (смирување) на болеста, со цел да се минимизираат шансите за компликации како прееклампсија, спонтан абортус или предвремено породување, додава д-р Тофоски.
За жените кои се борат со оваа болест е потребен мултидисциплинарен пристап.
Жената со лупус има потреба од координирана грижа од ревматолог, гинеколог-акушер и педијатар, кои заеднички ќе го следат текот на бременоста и евентуалното влијание на специфичните антитела врз фетусот, вели д-р Тофоски.
Светскиот ден на лупус е можност да се испрати порака дека со современ мониторинг, соодветна терапија и редовни контроли, ризиците можат успешно да се менаџираат, а жените со лупус да имаат здрава бременост и квалитетен живот.
МАГО по повод Светскиот ден на лупусот ја испраќа пораката:
Информираната жена е заштитена жена. Поддршката од околината, мултидисциплинарниот пристап и едукацијата се клучни за жените со лупус да водат квалитетен живот и безбедно да се остварат во улогата на мајки.

Македонски



