Две лица барани со потерници се приведени рано утрово.
Прво во 05.10 часот на ул. „Алија Авдовиќ“ во Скопје полициски службеници од Оперативен тим потраги и Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишија од слобода Н.С.(48) од Скопје, кој бил баран со централна потерница по наредба од Основен кривичен суд Скопје за затворска казна од три години и два месеци за сторено кривично дело во врска со член 396 од КЗ (неовластено изработување, држење и тргување со оружје и распрскувачки материи).
Како што соопшти МВР, лицето ќе биде предадено на надлежната казнено поправна установа.
Во 07.35 часот на ул.134 во Скопје полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје го лишија од слобода Б.Ѓ. (46) од Скопје, кој бил баран со централна потерница по наредба на OJO Скопје, во врска со член 215 од КЗ (Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори). Тој ќе биде предаден на ОЈО Скопје.