Skip to main content

Претставување на книгата „Зентрифуга“ и разговор со писателот Иван Шопов – македонскиот кандидат за Наградата за литература на Европската Унија

На 27 октомври, вторник, во 19 часот, во книжарница и галерија „Чудна Шума“. ќе се претстави книгата кратки раскази „Зентрифуга“ на писателот Иван Шопов, македонскиот кандидат за Наградата за литература на Европската Унија. 

Разгоровот со Шопов ќе го води уредникот и издавач на делото, Филип Димевски („Бегемот“).

Иван Шопов е роден 1987 година во Скопје. Дипломирал Општа и компаративнa книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во родниот град. Ги објавил збирката раскази „Азбука и залутани записи“ (2010), за која ја добил наградата „Новите!“ за најдобар дебитантски прозен ракопис, збирката песни во проза „Меше на годината“ (2012), книгата собрани сатирични текстови „Хрониките на Арслан Новинарски“ (2018), збирката раскази „Скопје: изгубените чевли на градот“ (2020) и збирката кратки раскази „Зентрифуга“ (2024). Пишува и поезија и хаику. Расказите и песните му се преведени на десетина јазици. На македонски јазик превел книги од Мирослав Крлежа, Марта Нусбаум, Звонко Карановиќ, Мадлен Тиен, Бојан Бабиќ, Асја Бакиќ, Михаил Вешим, Емброуз Бирс, Драгослав Михаиловиќ… Заедно со Владимир Лукаш, го основал Културниот центар 750.

„Збирката раскази Зентрифугa“ плени со својата луцидност и хумор, со приказни за маргинализирани, навидум необични ликови,: чудаци, патници, лудаци, луѓе кои и физички му припаѓаат на предградието Овие места или населби се извесен хронотоп, последни бедеми на антибаналноста и антимеланхолијата, каде што и кога не се случува ништо, се случуваат многу нешта. Во кратките, густи приказни за овие локалните добродушници од периферијата, се исцртува и една мапа на градот надвор од неговото јадро, пејзаж на местата кои понекогаш и се далеку од радарот, а кои се неверојатно инспиративни за лудистички пресврти.

Расказите на Шопов се кратки, прецизни, точни, а истовремено раскошни. Тие се мајсторско практикување на едноставната филозофија на минијатурата – со малку да се каже многу, да се долови сѐ, а тоа секако го може само искусен и зрел автор, љубопитен набљудувач и даровит раскажувач. „Зентрифуга“ е збирка што го држи вниманието на читателот со исто темпо од првиот до последниот текст, што ја прави допадлива и привлечна и за читање и за превод, и за нејзина комуникација и надвор од македонското говорно подрачје.“

Поврзани вести