
Вештачката интелигенција да му служи на човекот; забрана за воведување ретроактивни даноци; систем на оценување на државните службеници; зголемување на шест години на мандатот на претседателот на земјата; ограничување на улогата на Парламентот во истрагата за евентуална кривична одговорност на министрите; избор на раководството на судството од надлежната парламентарна Комисија, а не од Владата, се дел од предложените измени на грчкиот Устав, што денеска им беа доставени на пратениците од владејачката Нова демократија, јави дописничката на МИА од Атина.
На состанокот на пратеничката група на Нова демократија, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис посочи дека новиот Устав треба „точно одговара на барањата на современа правна држава, а заедно со промените се ослободува и голем реформски „бран“ што е неопходен“.
Говорејќи за предложените промени, посочи дека целта е до 2030 година, симболична година што се совпаѓа со 200 години од основањето на современата грчка држава „да успееме да ги искорениме, не само политички, туку и институционално, слабостите и нефункционалноста со кои досега се соочувавме“.
Детално се осврна на предложените промени и нагласи дека Нова демократија е голема централнодесничарска политичка сила, која „во современото размислување ги интегрира нашите традициите и вредностите, но и дека докажале дека можат да се развиваат, да се менуваат и да се приспособуваат“.
На пример, вештачката интелигенција-овој огромен предизвик. Јас немам слушнато ниту една партија да зборува за вештачката интелигенција. Нашата партија и јас лично веќе со години зборуваме за вештачката интелигенција, имајќи план, предлози, а сега и многу смел предлог за тоа како уставно да се гарантира заштитата на граѓаните од негативните последици на вештачката интелигенција, посочи Мицотакис.
Паралелно, нагласи дека верува дека партијата и на следните избори за една година одново ќе добие доверба од граѓаните, бидејќи како што рече Нова демократија е сила на стабилност, а „стабилноста е предуслов за да можеме да ја зголемуваме минималната плата, предуслов за да постигнуваме високи стапки на раст, буџетски суфицити и тој суфицит да го враќаме назад во општеството“.
Но, не сме само сила на стабилност. Имаме докажано дека, кога сакаме, можеме да бидеме и сила на пресврт и промени. А предлогот за уставните измени за кој ќе разговараме ѝ служи токму на оваа логика, истакна Мицотакис пред пратениците од неговата партија.
Пред три месеци, на почетокот на февруари годинава, преку телевизиска порака до граѓаните, Мицотакис најави почеток на процедурите за промени на Уставот, а по доставените предлози, денеска беа соопштени 30 члена за кои е планирана ревизија.
Меѓу другите промени се и: проширување на гласањето по пошта; зголемување на задолжителното образование од девет на 11 години, мерки за справување со климатската криза; функционирање на партиите на демократски начин; право за кандидирање на избори со наполнети 21, а не како досега 25 години; воведување правила за правилно спроведување на референдумите, при што прашањето мора да биде формулирано на јасен и разбирлив начин за граѓаните итн.
За промена на Уставот, во грчкиот Парламент потребно е двотретинско мнозинство, односно да добие поддршка од 200 (од вкупно 300) пратеници, а владејачката Нова демократија има 156 пратенички места.(МИА)

Македонски




