
За многумина, посебно за граѓаните од југоисточниот дел на Македонија и најмногу од Струмица, Петрич е синоним за место кое е прво во соседна Бугарија и со кое се поврзани многу спомени од некогашните „сфиждења“, евтините производи и каде можеше за малку пари да се руча во некоја од многуте кафеани или ресторани, да се пазарува и по неколку часови престој да се врати назад.
Така го доживуваше и авторот на овие редови, кој безброј пати престојувал во Петрич, но по четири дена организиран туристички престој со новинари од повеќе балкански земји, предводени и организирани од Ѓорѓе Михајловиќ од Здружението на туристички новинари на Србија, впечатоците се дека петричани направиле убав спој меѓу историјата, легендите и новото.
Куќата на Баба Ванга во Петрич сведочи за животот на познатата јасновидка

Заштитен знак на Петрич е јасновидката Баба Ванѓа. Родена е во Струмица на 3 октомври 1911 — починала во Софија, на 11 август 1996. Семејниот дом, кој се наоѓа на само неколку десетина метри од центарот на Петрич, го изградил нејзиниот сопруг Димитар Гуштеров во 1947 година. Ванѓа тука живеела речиси 50 години.

Во 1984 година Ванѓа ја донирала оваа куќа на градот Петрич и сите подароци што ги добила ги оставила во својот тестамент. Ванга живеела во оваа куќа речиси 50 години, неколку години до нејзината смрт. Во последните години од својот живот, болна и стара, таа останала во Рупите и не се вратила тука. Од 1980 година, државата обезбедила возач кој секој ден ја вози до Рупите, работи таму, и се враќа во Петрич.
Прво, Ванѓа живее тука и ги прима своите посетители. И таа официјално почна да го прави тоа овде во 1966 година. Потоа, нашата држава ја легализираше нејзината работа и ја назначи на позицијата научен соработник во Бугарската академија на науките во Одделот за собистологија. Таа година, 1966 година, државата ја призна – раскажува Марија Таманова, кустос во куќата на Ванѓа при Историскиот музеј на град Петрич.

Јасновидката немала свои деца, но заедно со мажот и’ одгледале едно девојче, Венета, но таа официјално не е посвоена. Подоцна, таа одгледала уште едно девојче на кое и била кума.

Според официјалните статистики, куќата на Ванѓа годишно ја посетуваат околу 12.000 Бугари и странци и тоа е најдобро место, позади легендарниот лик, да се види нејзиниот живот-собите, мебелот, лични предмети и подароци кои ги добивала од луѓето кои доаѓале кај неа.

Рупите за Ванѓа имале посебно значење, па дури и при престојот таму како да се чувствува некоја мала мистичност околу ова место под падините на ридот Кожух, местото каде бил последниот вулкан во Бугарија, а има и неколку минерални извори со топла вода. Таа верувала дека местото поседува некоја посебна енергија, а го избрала и за свое вечно почивалиште. На нејзина иницијатива таму е подигнат и храмот „Света Петка Бугарска“.
На еден ден пред нејзиниот роденден, кога МИА беше во Рупите, забележливо беше присутвото на голем број туристи и поклоници кои полека ги поставуваа своите кампери и шатори, подготвувајќи се да го одбележат нејзиниот роденден на 3 октомври.

И ден денеска луѓето доаѓаат до нејзиниот гроб, некои да се помолат, некои да положат цвеќе, а некои само да го видат местото за кое многу слушале и читале.
Хераклеа Синтика – враќање назад во историјата
Веднаш, пред познатите Рупи се наоѓа античккиот град Хераклеа Синтика, кој е откриен 1958 година и постојано се истражува до денеска. Досега се откриени само 5 отсто од вкупните остатоци на овој град, кој, според бугарските археолози, во 353 година п.н.е. го подигнал Филип Македонски, таткото на големиот Александар.

Градот опстојувал до 5 век кога го погодиле два разорни земјотреси и поплава од реката Струмешница, чие античко име е Синтика, односно градот го добил името по големиот антички јунак Херкулес – објаснува Атанас Чаров од Историскиот музеј на Петрич.
Кога ќе се пристигне на овој археолошки локалитет, прво се појавуваат високите камени ѕидови и столбовите, плоштадот, остатоци од некогашните улици и светилишта на боговите. Градот се простира на 12 илјади метри квадратни и во времето кога постоел бил значаен трговски и стратегиски центар и се претпоставува дека тука живееле над 30 илјади луѓе.

Инаку, археолошкиот локалитет работи секој ден, а цената на влезницата изнесува 5 евра, односно 3 евра за пензионери, ученици и студенти.
Историската прошетка продолжи и од Самуиловата тврдина, лоцирана на 3 километри пред бугарско-македонската граница, каде доминира големиот споменик на цар Самуил. Тврдината е подигната во 1982 година и е близу местото Клуч каде се одиграла големата битка меѓу војската на цар Самуил и војската на византискиот император Василиј Втори во 1014 година.

Баба Ванѓа, Рупите, Хераклеа Синтика и Самуиловата тврдина повторно се поврзуваат во современата зграда на Историскиот музеј во Петрич, отворен во 2022 година. Убаво е тој да се посети за на едно место да се доживее историјата од овие простори, бидејќи тоа е место каде се сретнуваат сите историски приказни и може да биде убава појдовна основа за прошетката во Петрич.

Вино, винарии и голем музеј на ретро автомобили

Петрич и околината можат да се пофалат со традиција на производство на вино од автохтони вински сорти, посебно во регионот на Мелник. Посетивме три винарии-„Златен Рожен“, „Вила Мелник“ и „Орбелија“. Скоро во сите доминираат сортите „Широка мелничка“, „Мелник 55“, „Сандански мискет“, „Маврут“ и „Темјаника“, како и познати меѓународни вински сорти. Некои вина се силни и зачинети, други се помеки и овошни, но сите во себе ја имаат топлината од југот на Бугарија.

Повеќето сорти се црвени вина, околу две третини, а една третина се бели. Од црвените имаме 10 сорти, а од белите 6. Половината од сортите се локални, бугарски сорти, а другата половина се француски сорти. Сите вина ми се како деца. Не можам дека некое е најдобро. Но, ако сакам да подготвам вино за подарок тогаш избирам од локалните сорти, вели Никола Зикатонов, сопственк на Винаријата „Вила Мелник“, кој ни кажа дека 85 отсто од виното се пласира во Бугарија, а преостанатите 15 отсто ги извезува во 30 различни држави.

Винаријата „Златен Рожен“, пак, не е уникатна по производството на вино, туку по нешто друго, за кое на прв поглед може да се рече дека нема ништо со пијалокот на боговите. Вино и музеј на ретро автомобили на едно место! Изложени се ни повеќе ни помалку 62 автомобили и 44 мотоцикли.
Музејската збирка е сместена во две големи хали, а меѓу автомобилите се наоѓаат и тие од времето на немите филмови, како што е „Форд“ од 1912 година, потоа елегатни модели од времето меѓу двете светски војни, луксузни „мерцедеси“ од педесеттите и шеесетите години на минатиот век и спортски автомобили.

Нашиот домаќин, Кристијан Желев, куратор во овој музеј, не информира дека е отворен во 2022 година и еден од најголемите такви на просторот во Југоисточна Европа.Се пофали дека тука можат да се видат автомобили кои се единствена во Европа.

Автомобилите се распоредени тематски. Во првата сала се автомобили правени меѓу Првата и Втората светска војна, а од десната страна се историски автомобили, кои се користени од тајните служби на Бугарија, една подарок од Николае Чаушеску на Тодор Живков и други. Овие автомобили нема каде да се видат на друго место. Во оваа сала се изложени исклучително ретки автомобили кои се произведени во мала серија – објаснува Желев.

Додава дека изложбата е жива, односно на лагер имаат уште 30 автомобили кои чекат да бидат изложени, односно се вади еден и се става друг за да може изложбата да биде интересна. Сите автомобили се во возна состојба, односно како што вели Кристијан „палиш и тргнуваш“.
„Валтата“ и „Вила Ваканица“, најубавото за крај
Посетата на Петрич ја продолживме во две села под падините на Беласица, каде уживавме во комплексот „Валтата“ во село Самуилово и „Вила Ваканица“ во село Камене. Првата го одразува модерното, а втората е традиционална, каде се подготвуваат најразлични јадења од бугарската, македонската и турската кујна.

Според Антон Спиров од комплексот „Валтата“, локацијата е многу добра, зашто реално од таа локација може за еден час да се отиде во Грција на море, за 15 минути може да се отиде на Рупите,за 30 минути во Сандански каде има минерални извори, може да се отиде на планината Беласица, која е точно на 10 минути оттука, во Мелник каде има вински туризам.

Тука немаше ништо и беше само езерото. И постепено се изгради и има базен, фитнес сала, стадион и сето тоа што го гледате секоја година се прави. Можам да кажам дека не само во регионот на Петрич е едно од местата кое човек треба да го посети. Тука е убаво за риболов, така и за спорт, за се. Планираме да направиме спа-центар. Местото е уникатно и гостите ќе бидат задоволни од тоа што ќе го видат, рече Спиров.

Приказната на „Вила Ваканица“ е малку поразлична од претходната, но нашата домаќинка Зумрут Татличева не пречека со многу подготвени јадења од кои многу ни се познати и се подготвуваат и кај нас и потекнуваат од нашата и турската кујна.

Нашата вила „Ваканица“ е нешто поразлично, нуди релакс и спокојство и пред се вкусна храна. Претпочитаме традиционална бугарска кујна, македонска и турска, се што е малку поразлично. Секој што сака нешто поразлично да вкуси како традиционална кујна може да дојде кај нас. Капацитетот не е голем. Имаме ресторан со 100 до 150 столови, имаме 20 двокреветни соби со поглед кон планината. Можеме да предложиме и костен кој е засаден тука и секако вкусни баклави, кои се мојата слабост. Јас правам баклава со костен, традиционална, турска баклава, баклава со кадаиф и можете да се насладите на сите вкусови – гордо ни објаснува Татличева.

Заминувањето од Петрич остави само една слатка дилема: дали видовме и вкусивме се? Дали четири денови се доволно? Не брзавме и се поминавме и посетивме како што ни организираа нашите љубезни домаќини на чело со Катја Стојанова, директорка на Историскиот музеј во Петрич. Новинарската експедиција од Србија, Хрватска, Словенија и Македонија уживаше во секој момент, запознавајќи го Петрич.
МИА / Ристо Тасев
Фото: МИА

Македонски


