
Отворање: 7 мај 2026 година, Студио Приватен принт Скопје
Програма за отворање:
18 ч. – уметнички разговор: Душица Лазова разговара со Клелија Живковиќ
19 ч. – отворање на изложбата
Изложбата ќе може да се погледне до 28 мај 2026 година
На 7 мај 2026 година, во студиото Приватен принт во Скопје, е закажано отворањето на просторната инсталација „Уште еден чекор, и оживуваме“ Клелија Живковиќ. Програмата за отворање вклучува разговор на Душица Лазова со уметницата со почеток од 18 часот и отворање на изложбата од 19 часот. Изложбата ќе може да се погледне до 28 мај.
„Уште еден чекор, и оживуваме“, просторната инсталација на Клелија Живковиќ, го истражува оживувањето како радикална форма на отпор, отелотворен одговор на системите што функционираат на основа на угнетување, наследен срам и емоционално потиснување. Инсталацијата го истакнува најзначајниот творечки метод на уметницата, а тоа е пишувањето. Извадоци од дневници, белешки од истражувачки процеси и фрагменти од проектни апликации од изминатите пет години во просторот на студиото визуелно се транформираат во читачка соба. Делото го прославува писмото како метод на себеспознание, а пишувањето како чин на заедништво и отворање кон другоста.
Клелија Живковиќ (р. 1989) е трансдисциплинарна уметница од Скопје. Со формално образование во повеќе дизајнерски дисциплини, нејзината практика се поставува како теоретски, материјален и искуствен увид во границите; физичките, психолошките, емоционалните и спиритуалните бариери преку кои се разбираме себеси како суштества што заземаат простор и воспоставуваат врски со своето опкружување.
Оваа изложба е дел од групната изложба „Светло минато е пред нас“ курирана од Илија Прокопиев и Марија Христова, првично создадена и поставена во галеријата „Шкуц“ во Љубљана во јуни 2025 година. Во 2026 година, се сели во студиото на Приватен принт како дисперзирана програма од пет мали самостојни изложби во текот на целата година.
Душица Лазова се занимава со истражување, пишување, уредување и преведување во полето на феминистичката и квир теорија и културно-уметничка пракса и дигиталната хуманистика. Соуредничка е на феминистичката платформа Медуза и истражувачка во „Реактор – истражување во акција”. Дипломирала на Катедрата за англиски јазик и книжевност во Скопје, а магистрирала на програмата Род и медиуми на Универзитетот Сасекс во Англија. Во 2025 започнува да ја курира QUEER програмата на фестивалот „Прво па женско”. Таа е дел од квир дуото „Бучкуруж”, неформална локална платформа за културно-уметничко изразување со фокус на лезбејските*, транс*, небинарни и родово флуидни искуства.

Македонски




