Skip to main content
ДОЦЕНТ Д-Р НАТАША ТРПЕВСКА ШЕКЕРИНОВ, ДИРЕКТОРКА НА УНИВЕРЗИТЕТСКАТА КЛИНИКА ЗА ОЧНИ БОЛЕСТИ ВО СКОПЈЕ

Од донор до вид: Кератопластика – комплексен и координиран процес повторно достапен во јавното здравство

Приватна архива / Кератопластика е високо прецизна микрохируршка процедура, која бара извонредна хируршка подготвеност, практицирање и добра координација во тимот, вели д-р Наташа Трпевска Шекеринов

По децении пауза, на Универзитетската клиника за очни болести во Скопје повторно се изведуваат трансплантации на рожница. Методот трансплантација на рожница или кератопластика е високо прецизна микрохируршка процедура, која бара извонредна хируршка подготвеност, практицирање и добра координација во тимот.

На Клиниката за очни болести во изминатиот период беа извршени 16 трансплатации на рожница кај пациенти од 13 до 80 години. Интервенциите се спровеле во координација со националната координаторка за трансплантација проф. д-р Билјана Кузмановска и делегација од Универзитетот „Дјук“ од САД предводена од проф. д-р Лојд Вилијамс.

Важно е да се нагласи дека успехот не се мери само преку „преживување“ на графтот, туку преку функционален исход, колку видот е подобрен, колку е зачуван квалитетот на живот и колку е постигната долгорочна стабилност. Во современата офталмологија, тоа е вистинската мерка за успех, вели во интервју за „Република“ доцент д-р Наташа Трпевска Шекеринов, директорка на Клиниката за очни болести во Скопје.

Како што истакнува д-р Трпевска Шекеринов изведувањето кератопластика, не се сведува само на оперативен чин, туку подразбира сложен систем што вклучува селекција на пациенти, донорски процеси, хируршка експертиза, постоперативно следење и долгорочна грижа. Воспоставувањето на таков систем е доказ за зреење на националниот здравствен систем.

Колку е значаен овој чекор за македонското здравство?

Д-Р ТРПЕВСКА ШЕКЕРИНОВ: Воведувањето на методата трансплантација на рожница – Кератопластика, по речиси половина век претставува историски и стратешки значаен исчекор за македонското здравство.

Впрочем, воведувањето на оваа високо специјализирана хируршка процедура во целост има повеќеслојно значење и тоа, на клиничко ниво, трансплантацијата на рожница претставува единствена терапевтска можност за пациентите кај кои постои сериозно оштетување на видот од т.н корнеално слепило, кои, според Светската здравствена организација, се меѓу водечките причини за реверзибилно слепило во светот. На институционално ниво, е показател за обновен хируршки, организациски и кадровски капацитет од страна на Клиниката за очни болести, и реафирмација на капацитетот на јавното здравство да обезбедува современа, терциерна и супсупспецијалистичка медицинска услуга на највисоко ниво.

Изведувањето Кератопластика, не се сведува само на оперативен чин; туку подразбира сложен систем што вклучува селекција на пациенти, донорски процеси, хируршка експертиза, постоперативно следење и долгорочна грижа. Воспоставувањето на таков систем е доказ за зреење на националниот здравствен систем.

Од стратешки аспект, ова ја позиционира државата поблиску до стандардите на современите европски здравствени системи и отвора простор за натамошен развој на трансплантациската медицина.Воедно, го намалува упатувањето пациенти во странство, ги намалува трошоците за лекување надвор од земјата и овозможува третманот да стане подостапен за поголем број граѓани.

Особено важно е што овој чекор има и силна симболична димензија: по децении, се воспоставува континуитет во една област што бара врвна доверба, знаење и системска поддршка. Тоа е порака дека македонското здравство не само што може да обновува сложени програми, туку и да гради нови перспективи во високо специјализираната медицина.

Затоа, имајќи во предвид и дека се изведоа и неколку најсовремени техники, ова не треба да се гледа само како враќање на една процедура, туку како враќање на една способност на системот – способност да се подобри видот, и секако довербата во јавното здравство.

фото: Приватна архива / Кератопластика е високо прецизна микрохируршка процедура, која бара извонредна хируршка подготвеност, практицирање и добра координација во тимот, вели д-р Трпевска Шекеринов

Што значи ова за пациентите кои досега биле принудени да бараат лекување во странство?

Д-Р ТРПЕВСКА ШЕКЕРИНОВ: За пациентите, ова значи суштинска промена, не само во пристапот до третман, туку и во правичноста, достапноста и навремената здравствената грижа. Досега, пациентите на кои им беше потребна трансплантација на рожница беа принудени да бараат лекување во странство, што носеше сериозен финансиски товар, административни процедури, временски одложувања и дополнителен психолошки стрес, особено кај пациенти со прогресивно губење на видот.

Со повторното изведување на овие интервенции во рамки на домашниот здравствен систем, пациентите добиваат можност за третман во сопствената држава, во позната клиничка средина, блиску до семејната поддршка и со континуитет на предоперативна и постоперативна грижа. Тоа е особено важно бидејќи успехот на кератопластиката не зависи само од хируршкиот акт, туку и од долгорочно следење, контрола и менаџирање на можни компликации.

Колку пациенти во моментов чекаат ваква интервенција и какви се нивните прогнози?

Д-Р ТРПЕВСКА ШЕКЕРИНОВ: Во однос на бројот на пациенти кои чекаат ваква интервенција, листата е динамична и се менува согласно индикациите, итноста и медицинската проценка, но она што е важно е дека станува збор за пациенти со сериозни корнеални заболувања кај кои трансплантацијата не е избор, туку неопходност за зачувување или враќање на видната функција.

Приоритизацијата не се води само според редослед на чекање, туку според медицинска ургентност, прогноза и ризик од неповратно оштетување, компатибилност со донорското ткиво. Тоа е стандард што го следат и меѓународните трансплантациски практики.

Со какви предизвици се соочивте при повторното воведување на оваа процедура?

Д-Р ТРПЕВСКА ШЕКЕРИНОВ: Воведување на методата трансплантација на рожница беше сложен процес што подразбираше надминување на повеќе паралелни предизвици-институционални, правни, организациски, кадровски и системски.

Суштински предизвик беше воспоставување на целосен функционален модел за изведување на ваков тип високоспецијализирани интервенции, односно координиран систем што вклучува донорски процеси, ткивна достапност, протоколи за селекција на пациенти, оперативна подготвеност, обезбедување на опрема, стручност, постоперативно следење и долгорочен мониторинг.

фото: Приватна архива

Колку е комплексна трансплантацијата на рожница и какви се стапките на успех?

Д-Р ТРПЕВСКА ШЕКЕРИНОВ: Кератопластика е високо прецизна микрохируршка процедура, која бара извонредна хируршка подготвеност, практицирање и добра координација во тимот.
Рожницата е тенок слој на предниот сегмент на окото, проѕирен слој кој ги пропушта и прекршува светлосните зраци, и процедурата бара микроскопска хируршка прецизност, пред се кај високоспецијализираните најнови техники. Успешноста е генерално висока, и се смета за една од најуспешните трансплантациски процедури во медицината, и исходот е особено добар кај селектирани индикации, зависно од индикацијата и ризичниот профил на пациентот.
Но важно е да се нагласи дека успехот не се мери само преку „преживување“ на графтот, туку преку функционален исход, колку видот е подобрен, колку е зачуван квалитетот на живот и колку е постигната долгорочна стабилност. Во современата офталмологија, тоа е вистинската мерка за успех.

Дали овие 16 трансплантации се почеток на континуирана програма?

Д-Р ТРПЕВСКА ШЕКЕРИНОВ: Би потенцирала дека трансплантацијата ја воведовме во месец ноември минатата година, тогаш беа направени 9 хируршки интервенции. Сега во март годинава изведувајќи ги овие 16 трансплантации е показател за континуирана програма. Впрочем показател за системско и одржливо воспоставување на трансплантација на рожница во рамки на јавното здравство. Ова подразбира создавање на протоколи, зајакнување на тимовите, обезбедување континуиран пристап и постепено зголемување на бројот на интервенции. Во тој контекст, овие случаи верувам се важен исчекор кон развој на долгорочна, одржлива и современа трансплантациона програма.

Како се обезбедуваат донорски рожници и дали има доволно донорски материјал?

Д-Р ТРПЕВСКА ШЕКЕРИНОВ: Обезбедувањето на донорски рожници се одвиваше преку строго регулиран систем на донација од високо специјализирани банки за ткива, овој пат беше увоз преку меѓународна банка за ткива, CorneaGen Settle, USA. Секоја рожница поминува низ ригорозни медицински и микробиолошки контроли за да се гарантира безбедноста и квалитетот пред трансплантација. Клиниката досега успеа да обезбеди донорски ткива преку соработката со Duke University,USA, кои во двата наврати ни обезбедија рожници.

фото: Приватна архива

Колку е значајна соработката со Duke University за повторното воведување на трансплантациите? Каква конкретна подршка добивте, обука опрема, екпертиза? Дали оваа соработка ќе продолжи и во иднина?

Д-Р ТРПЕВСКА ШЕКЕРИНОВ: Координацијата меѓу клиниката, Проф д-р Кузмановска како национален координатор за трансплантација и универзитетот од САД се покажа како посебно значајна успешна соработка.
Соработката со Duke University, Duke Eye Center е клучна – практично катализатор за
методата трансплантација на рожница да започнеше кај нас, а не само „помош од страна“. Лекарите од Duke University воведоа најсовремени техники (како DMEK/DSAEK), овозможија практична обука „во живо“, стручна експертиза во поглед на изведување, но и комплетна поддршка во поставување на стандардизирани протоколи, пред и постоперативна грижа за пациентите., што е основа за континуитет.
Клиниката покажа дека има капацитет, комплетна медицинска опрема, кадар, спремност и стручност на високо ниво за изведување на овие интервенции.

Кои се следните чекори за развој на програмата за трансплантација на рожница? Како ќе се работи на подигање на свеста за донорствона ткива? Дали постојат планови за формирање на банка на очни ткива во земјава?

Д-Р ТРПЕВСКА ШЕКЕРИНОВ: Следните чекори за да стане програмата за трансплантација на рожница стандардна, долгорочно одржлива метода, обично се јасни – медицински, и системски. Клиниката прави напори во соработка со европски и меѓународни корнеални банки, да воспостави систем за континуирана набавка на ткиво, рожници, процес кој е во тек и верувам ќе се успее. Повеќе институции кои како и досега беа вклучени во реализација на донаторскиот систем дадоа позитивен одговор, и секој чекор во тек на воведување на процесот е значаен, се со цел да стане долгорочен континуиран процес кој ќе ги задоволи потребите на нашите осигуреници.

Во однос на донаторскиот систем, час поскоро треба да се подигне свеста кај луѓето пред се, каде трансплантационата медицина спасува човечки живот. Лично сметам дека сите ние сме дел од еден систем, го градиме истиот но и зависиме од него. Потребно е заедно да влијаеме, да се подигне свеста за органодонорството како чин, кој е општо прифатен во развиените светски земји, ние само треба да го следиме.

фото; Приватна архива

Какво е нивото на офталмолошката медицина кај нас во споредба со регионот? Што недостасува за да се достигнат европските стандарди?

Д-Р ТРПЕВСКА ШЕКЕРИНОВ: Офталмологијата кај нас веќе располага со експертиза и потенцијал споредливи со европските стандарди, бележи значаен напредок во повеќе сегменти, пред се во делот на хируршките техники и стручноста на кадарот. Сепак предизвиците остануваат во обезбедувањето континуитет на одредени сложени програми, рамномерниот пристап до современата технологија и понатамошната континуирана едукација.

Следниот чекор е системски пристап, силен и одржлив систем кој ќе обезбеди стабилни програми, инвестиции и долгорочен развој и квалитетот да биде континуирано достапен за секој пациент, а не да зависи од поединечни напори.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Приватна архива

Поврзани вести