
На 8 мај во КИЦ-Скопје ќе биде отворена изложбата на фотографии „Паметници на заборавот“ на Сашо Димоски.
Сашо Димоски е роден во 1965 година во Охрид. Се занимава со фотографија и компјутерска графика. Дипломирал и магистрирал фотографија на Универзитетот ЕСРА, а работел во Македонската телевизија и пишувал за културните рубрики на „Утрински весник“ и магазинот „Глобус“. Од 2007 година бил и фотограф на археолошки истражувања, а свои фотографии и текстови објавувал и во електронското списание „Блесок“. Бил уредник на Галерија Блесок. Автор е на повеќе фотографски концепти и самостојни изложби.
… Во фокусот на изложбата е просторот и објектите во него, како една од доминантните тематски преокупации на овој автор последниве години. Самата негова одлука од своите фотографии да го исклучи човекот токму од просторот во кој јасно интервенирала човечката рака, секако е смела. Впрочем, и Валтер Бенџамин (Walter Benjamin, 1892-1940) во својот познат есеј Мала историја на фотографијата (A Small History of Photography, 1931) вели дека „функционирањето без луѓе за фотографијата е најневозможното од сите отфрлања“. Меѓутоа, ваквото исклучување на човекот е само на ниво на објект, на предмет на фотографијата, зашто вториот фокус на оваа изложба сепак е човекот, но како субјект, како восприемач на фотографијата и на она што таа го прикажува. Или подобро речено – на она што фотографијата го имплицира, го навестува, го сугерира. Во таа смисла, можеби најважните прашања што се отвораат, и во насловот и во содржината на оваа изложба се: Каде се наоѓаат сеќавањата? Дали и како може да се спречи заборавот? … (Од каталогот)

Македонски



