
На 11 мај во Скопје, во Сули Ан, ќе се одржи првото издание на Resonant Earth: Collective Ritual (Скопје I) – нов музички проект на Јордан Костов, кој ја поставува музиката како отворен процес на заедничко создавање, надвор од жанровски определби и фиксирани форми.
Музиката на овој состав не произлегува од однапред дефиниран стил, туку од заедничко присуство. Таа се развива преку љубопитност, активно слушање и заемна интеракција во моментот, при што звукот постепено се трансформира во процес на поврзување – меѓу луѓето, просторот и времето. Во таков контекст, музиката престанува да биде само израз и станува колективен ритуал.
Resonant Earth: Collective Ritual е замислен како жив, колективен музички чин во кој различни културни традиции, инструменти и музички јазици се спојуваат во едно холистичко звучно искуство. Проектот се темели на слободна интеракција меѓу музичарите, водена од едноставна структура и неколку основни мотиви, што овозможува секоја изведба да се развива органски и да создава секогаш нова и неповторлива форма.
На сцената ќе настапи осумчлен меѓународен состав: Јапинг Ванг (јангџин), Оливер Настовски (тамбура и ут), Ратко Даутовски (перкусии), Франсоа Мелан и Ник ДеКарло (туба), Шинго Масуда (канун), Александар Бошков (гитара) и Јордан Костов (таишигото, хармоника, трунг и вокал). Овој ансамбл не функционира како класичен состав, туку како динамична мрежа на односи, во која индивидуалните музички искуства се преплетуваат во колективен звук.
Во центарот на проектот е идејата за музика како резонанца – не како резултат, туку како однос: меѓу инструментите и телата, меѓу традицијата и импровизацијата, меѓу индивидуалното искуство и заедничкото звучно поле. Наместо фиксирана партитура, публиката ќе сведочи на процес во кој звукот постојано се менува, флуктуира и се преосмислува.
Ова скопско издание претставува почеток на пошироко меѓународно патување на проектот, со најавени настапи во Париз, Берлин, како и во Јапонија и Виетнам, при што секој нов концерт ќе носи различна звучна енергија, различни учесници/музичари, но ќе ја задржи суштината на концептот: резонанца меѓу луѓето, земјата и моментот.
Како вовед во овој настан, на 8 и 9 мај во Скопје ќе се одржат два промо концерти кои функционираат како звучни прелудиуми на главниот настан.
Првиот концерт (8 мај, Буква) ќе претстави камерна средба помеѓу јапонскиот музичар Шинго Масуда (канун) и македонските музичари Андреа Мирческа (контрабас) и Дарио Циевски (тапани) – интимен формат во кој звукот се развива низ непосредна интеракција и фокус врз деталот.
Вториот концерт (9 мај, Бруклински џез бистро) ќе го прошири овој дијалог во меѓународен контекст, со учество на Јапинг Ванг (јангџин), Франсоа Мелан (туба) и Шинго Масуда (канун), отворајќи простор за средба меѓу различни музички традиции и импровизациски практики.
Овие два настани не се класични промоции, туку суштински дел од концептот – процеси во кои музиката се појавува во својата најконцентрирана, камерна форма, за подоцна да се прошири во рамките на Resonant Earth: Collective Ritual (Скопје I).
Концертот на 11 мај нема да нуди фиксирана програма, туку отворено искуство. Не како низа композиции, туку како процес што се случува во реално време. Повеќе како ритуал, отколку како настап. Повеќе како заедничко доживување, отколку како изведба.

Македонски


