Skip to main content

На аџилак во Мека и Медина ќе заминат 71 верник од Дебарско

Фрипик

Од Дебарското муфтиство, кое ги опфаќа општините Дебар, Центар Жупа и подрачјето на Река, општина Маврово и Ростуше, годинава во посета на светите места Мека и Медина, каде се реализира петтиот столб на исламот-аџилакот, ќе заминат 71 верник.

За исполнување на петтиот столб од исламот, од нашето муфтиство ќе заминат 71 верник. Тргнувањето од скопскиот аеродром е на 17 мај во 16:30 часот, од каде заедно со други верници ќе патуваат со чартер летови, изјави за МИА, Орхан Зенго, секретар на Дебарското муфтиство.

Најголем број верници кои заминале на аџилак имало во 2024 година – 100, минатата година 84, а во 2022 година 12 верници.

Подготовките се одвиваат во најдобар ред. Во Општата болница со проширена дејност во Дебар задолжителната вакцинација беше успешно спроведена, како дел од подготовките за овогодинешниот хаџ. Во оваа пригода, изразуваме искрена благодарност до сите аџии за нивната дисциплина, соработка и сериозен пристап кон оваа важна задача и посебно до медицинскиот персонал за нивниот професионализам и посветеност, рече Зенго.

Како што претходно информираше за МИА, Ирсал Јакупи, генерален секретар на Исламската верска заедница, годинава на аџилак ќе заминат 2020 верници од нашата земја, што е идентична бројка како минатата година.

Бројката е пополнета согласно квотата што ја одреди Министерството за хаџ на Саудиска Арабија и годинава ќе има 2.020 верници од земјава, кои ќе патуваат кон светите места, иако беа пријавени повеќе. Бројката е идентична како и минатата година. Верниците ќе патуваат од 14 до 21 мај, со авионски чартер летови. Во однос на возраста, годинава оние кои патуваат на хаџ припаѓаат на помладата генерација а највозрасниот е 75-годишник. Цената за аранжман за Хаџ е 6.950 евра, додаде Јакупи.

Големиот празник Курбан Бајрам, годинава се паѓа на 27 мај и секогаш се слави четири дена.

МИА

Поврзани вести