Skip to main content

ЕЦБ ги задржа каматните стапки на 2 проценти, најави можно зголемување во јуни

МИА архива

Европската централна банка (ЕЦБ) денеска ги остави клучните каматни стапки непроменети на ниво од 2 проценти, што е во согласност со пазарните очекувања и покрај инфлациските ризици поврзани со војната во Иран.

Сепак, економистите во голема мера очекуваат централната банка да ги зголеми каматните стапки подоцна оваа година – можно е веќе во јуни, пренесе ДПА.

Колку подолго трае војната и колку подолго цените на енергијата остануваат високи, толку посилно ќе биде веројатното влијание врз пошироката инфлација и економијата – изјави шефицата на ЕЦБ, Кристин Лагард, во Франкфурт по редовниот состанок на Управниот совет.

Таа додаде дека можноста за зголемување на каматните стапки веќе била „детално разгледана“ на тековниот состанок на Управниот совет на ЕЦБ.

Ова е седми пат по ред монетарните власти на еврозоната да ги остават каматните стапки непроменети.

ЕЦБ во соопштението наведува: „Војната на Блискиот Исток доведе до остар пораст на цените на енергијата, што ја поттикна инфлацијата и изврши притисок врз економското расположение“.

Повисоките цени на енергијата веќе ја зголемија инфлацијата низ целата еврозона со 21 земја-членка, со стравувања дека тоа би можело да доведе до поширок пораст на цените на стоките и услугите. Во април, потрошувачките цени во еврозоната изнесуваа 3,0 проценти.

Лагард упати и предупредување до креаторите на политиките: вонредните фискални пакети воведени како одговор на остриот пораст на цените на енергијата треба да останат привремени.

Реформите за подобрување на потенцијалот за раст на еврозоната и забрзување на енергетската транзиција со цел да се намали зависноста од фосилни горива се поважни од кога било – рече таа.

„Долгорочните очекувања за инфлацијата остануваат добро закотвени, иако очекувањата за инфлација во пократки периоди значително се зголемија“, тврдат од банката.

Лагард не очекува дека ситуацијата ќе се смири во овој момент: на краток рок, инфлацијата ќе биде „значително над 2 проценти“, што е среднорочната цел на ЕЦБ. На ова ниво, централната банка смета дека нејзината примарна цел – обезбедување стабилно евро и заштита на куповната моќ на граѓаните – е постигната.

Финансиските пазари очекуваат три клучни зголемувања на каматните стапки од по 0,25 процентни поени до крајот на годината. Следната одлука за каматните стапки треба да се донесе на 11 јуни.

Повисоките каматни стапки би ѝ овозможиле на ЕЦБ да ја држи инфлацијата под контрола: тоа би ги направило кредитите поскапи, што би можело да ја забави побарувачката и да ја ублажи инфлацијата. Штедачите исто така би имале корист од зголемувањето на клучните каматни стапки доколку банките ги пренесат истите врз нив.

Со очекувањето на пораст на клучните каматни стапки, стапките на штедење веќе се зголемија. Од почетокот на војната во Иран, каматите на орочените депозити се искачија поостро од кога било од 2023 година, според порталот за споредба „Verivox“. Инвестициите со рок од две години носат просечен принос од 2,25 проценти, што е највисоко ниво од почетокот на 2025 година.

Идниот тек на монетарната политика на ЕЦБ во голема мера зависи од тоа колку долго ќе трае војната во Иран и дали шокот од цените на енергијата ќе остане привремен или најновиот бран на инфлација ќе се прошири на целата економија.